Mинистерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во денешното интервју на ТВ 24 рече дека подобрувањето на квалитетот на живот на пензионерите е врвен приоритет и затоа зголемувањето на пензиите е дел од новата владина програма 2022-2024.
„Наша цел е во првиот квартал од годината да отвориме експертската дебата за промена на системот за усогласување на пензиите соодветен за сите пензионери на која ќе ги слушнеме и предлозите на Здружението на пензионери. Јануарската пензија нашите пензионери ја добија со 2,9% зголемување, односно просечната пензија се зголеми за околу 500 денари, од 15.876 денари , сега во моментот изнесува 16.336 денари. Следното усогласување кое ќе зависи од стапката на индексот на порастот на трошоците на живот ќе го имаме со исплатата на јулските пензии. Работиме и на проекции за дополнително покачување на пензиите, за да го подобриме квалитетот на пензионерскиот живот на 329.000 пензионери“, рече министерката Тренчевска.
Министерката Тренчевска во интервјуто потенцираше дека пензискиот систем е ефикасен и стабилен.
-Главен извор за финансирање на Пензискиот фонд е приливот од придонесите, што значи дека зголемувањето од 6,3%, минатата година, во однос на претходната година навистина укажува дека имаме стабилен пензиски систем кој се полни од придонеси. Најважно е што трансферот од централниот буџет кон Фондот,секоја година се намалува, што исто така укажува дека имаме стабилен пензиски систем, бидејќи Фондот сам генерира приходи. Тоа пак, значи дека се отвораат нови работни места за кој се плаќаат придонеси, и на тој начин се полни пензискиот фонд, рече Тренчевска.
Од буџет на Министерството кој изнесува 50, 6 милјарди денари за 2022 година, се одвојуваат пари за пензии, социјални надоместоци, права на социјална и детска заштита и за активните мерки за вработување.