Трет ден од изборната кампања за предвремените парламентарни избори 2020. Партиите продолжуваат со своите активности, кои се одвиваат паралалено и на социјалните мрежи и со посета на градовите и на населените места во земјата. Лидерите се обраќаат на централните настани на денот, додека посебни настани се организираат и за носителите на кандидатските листи по изборни единици.
Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ според официјалната агенда денеска во 19 часот ќе има настан во Тетово, а потоа во 20:30 часот во скопски Аеродром.
ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери денеска ќе имаат средби со граѓани и обраќања во Демир Капија (17:00), во Неготино (18:30) и во Кавадарци (20:30).
Синоќа од Ресен лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски порача дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на заштита на националното достоинство и враќање на националната гордост и секој кој го негира правото на нашиот мајчин јазик треба да знае дека нема за милиметар да попуштиме од тоа што се избориле нашите предци.
Политичката платформа Македонски концепт ќе биде во посета на Изборната единица 3 и тоа во Велес (10:00), во Штип (13:00) и во Берово (16:30).