Специјалисти од Клиника Жан Митрев од денеска започнаа со спроведување на бесплатни кардиоваскуларни прегледи на пензионерите во повеќе градови низ државата. Со караванот „Здравје за сите“ пензионерите од Виница и околните населени места, беа прегледани од тимот доктори од Клиника Жан Митрев, при што добија анамнеза, ЕКГ и читање, ултразвучен кардио васкуларен преглед, контрола на ТА и консултации за навремено откривање и превенција на срцеви заболувања.
Клиника Жан Митрев го започна здравствениот караван „Здравје за сите“ и бесплатните прегледи со цел да се зголемат можностите и пристапот до специјалистички прегледи за сите оние што немаат и не можат да добијат мислење од доктор за својата здравствена состојба. Клиниката ја зголемува грижата за здравјето на граѓаните и посебно за ранливи категории и оние без можност за консултации со доктор. Покрај прегледите ќе се прави и советување и едукација за правилно и навремено дијагностицирање на можни заболувања.
Здравствениот караван и спроведувањето на бесплатните прегледи е дел од Меморандумот за соработка потпишан меѓу Клиничката и Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, а се спроведува во соработка со локалните организации. Карванот ќе ги посети сите оние места и градови каде пристапот до специјалистички преглед е оневозможен. Во следниот период ќе ги посети и Кочани, Македонска Каменица, Делчево, Берово и Пехчево.
Со оваа активност Клиниката Жан Митрев ја подигнува јавната свест во насока на грижа за кардиоваскуларното здравје со навремена превенција од кардио заболувања на посебни целни групи и навремено идентификување и намалување на ранливоста.