Инспекторите се на терен и продолжуваат контролите кај трговците на големо и на мало, како и кај увозниците со овошје и зеленчук за да се утврди дали ги почитуваат одлуките на Владата. За 20 фирми веќе постои сомневање дека ја прекршиле одлуката за дистрибуција и продажба на најмалку 70 отсто од количествата на овошје и зеленчук што ги испорачувале во јануари и февруари.
Како што информираше Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат, проверките се во тек и доколку се утврди дека овие фирми го прекршиле Законот за трговија ќе бидат казнети од 800 до 10.000 евра во согласност со големината.
-Во периодот од 8 април досега се извршени над 30 инспекциски надзори кај увозниците и трговците на големо и мало на овошје и зеленчук. Притоа констатирано е дека во магацините има доволно овошје и зеленчук и апелирам да биде доставено во согласност со Одлуката на Владата. Така, на пример, во саботата во магацините откриени се над 300 тона грав кој се чувал и не се пуштал во продажба, изјави за весникот ВЕЧЕР, Трајковски.
Според него, одлуката на Владата за доставување на 70 отсто од овошјето и зеленчукот мора да се почитува и секој кој нема да ја почитува, ќе биде санкциониран.
-ДПИ врши увид во трговијата и во сите придружни документи за да утврди дали трговците го почитувале пропишаниот процент на продажба. За овие 20 фирми во кои беа извршени инспекциски контроли сè уште се вршат проверки. Дел од фирмите веќе си ги зедоа документите, дел сè уште не доставиле, а кај дел сè уште се врши увид во документацијата. Откако ќе завршат проверките, ќе кажеме колку фирми ќе бидат казнети и колкави ќе бидат казнети, појасни Трајковски.
Целата вест прочитајте ја на ВЕЧЕР