ВМРО-ДПМНЕ кога ќе ја преземе власта ќе направи сериозни проверки на работата на ЈП Македонски шуми, изјави Цветан Трипуновски за „Што не е јасно“ на Алфа Телевизија кој обзнани дека фирма блиска до власта има ексклузивно право да склучи договор за сеча на опожарените шуми по цени од 300 до 500 денари за метар кубен и потоа произведува пелети и ги продава низ Македонија по цена над 500 денари за вреќичка.
Тој посочи дека она што ќе биде во време на ВМРО-ДПМНЕ е граѓаните да имаат бенефит, а Македонски шуми да заживее како претпријатие, кое во моментов е сериозен загубар заради партиски вработувања и бркање профити.
-Македонски шуми со навремени постапки ќе обезбеди дрва маса на почетокот на есента, односно зимата како што беше случај во минатото. Вториот момент кој го решава проблемот со затоплување на домовите кои користат пелет, е тоа што Македонски шуми ќе биде производител на пелети и ова е оправдана инвестиција, рече Трипуновски.
Според него, Македонски шуми има просторен потенцијал за тие фабрики, има и кадровски потенцијал кој ќе биде искористен во овој процес.
-А третиот момент е што претпријатието во процесот на обезбедување на огревно дрво за граѓаните, има доволен процент на нус производи од овој процес, и тоа значи дека се тоа ќе се искористи како евтин репроматеријал за производство на пелети. Од целиот проект придобивка ќе биде што ќе има евтини пелети, и тој ќе биде со проверен квалитет и нема да има како сега фирми профитери врз грбот на граѓаните, потенцираше Трипуновски.