Првото нешто што треба да го направи владата уште веднаш е да забрани извоз на основни земјоделски култури, пченица, пченка, јачмен и луцерка. Тоа се 4 елементи кои уште утре треба да бидат забранети за извоз да не помине ниту едно зрно за тоа што ќе се произведе да остане тука, и ќе се зачува количината која ја имаме. Оти не станува збор само за прехрана на населението, туку имаме и сточен фонд од кој добиваме месо и млечни производи, изјави Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ за „Филибастер“ на Радио Лидер.
Трипуновски истакна дека власта кризата ја дочека неспремна, останаа без навремена помош и земјоделците и компаниите и основните прехранбени продукти се зголемија неколкукратно и тоа удира по џебот на граѓаните и тоа од ден на ден станува се поголемо.
– Гледаме дека во земјоделскиот сектор кој е еден од основните за прехранбениот сектор не ги следи основните чекори за навремено снабдување. Македонија во минатото била способна да произведе доволно количина на пченица од домашното производство, но заради лошите политики на актуелната власт и задоцнетите мерки или популистички мерки наместо реални, се доведовме во ситуација да земјава биде увозно зависна од пченица. Тоа влијае врз цената на брашното и лебот. Тоа значи дека ќе плаќаме се поскапи продукти затоа што зависиме од надвор, рече Трипуновски.
Тој нагласи дека ако во 2015 и 2016 сме произведувале околу 310.000 тони домашно производство колку што е потрошувачка на годишно и ниво сега има околу 250.000 тони, а последнава година многу од земјоделците посеаја помалку заради поскапото ѓубриво и репроматеријали и ќе бидеме уште повеќе увозно зависни, а власта не сака да ги слушне сугестиите од ВМРО-ДПМНЕ да се подобри овој сектор.
– Ние како опозиција даваме сугестии и предлози како да се превенираат кризните ситуации. ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на февруари апелираше до власта да сето расположливо слободно земјоделско земјиште го подели на земјоделците да одгледуваат најбитни стратешки култури. Да распишеа тогаш огласи ќе се фатеа сеидбените рокови и ќе имавме бенефит, а власта тоа го распиша дури на почеток на мај и додека завршат сите рокови, тоа значи дека оваа година Македонија ќе биде комплетно увозно зависна од јачмен, пченка и тоа значи дека власта нема компас, а сметката ја плаќаат граѓаните, изјави Трипуновски.
Во однос на стоковите резерви, Трипуновски посочи дека има отсуство на информација од власта и се зголемуваат сомнежите дека се празни, бидејќи гледаме дека од власта некои велат има, други нема, трети молат во Србија.
– Последниот предлог кој го дадовме е државата преку стоковите резерви да пушти во оптег 40.000 тони пченица, топа ќе значи дека домашните млинови ќе добија евтина пченица и ќе се стопира растот на брашно и леб, а од друга страна кога ќе се испразнат, државата ќе може од жетвата да повлече пченица од жетвата која претстои. Владата и тоа не го прифаќа, рече Трипуновски.