Денеска доцна попладне, во 18.10 часот, на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК помош побараа два туриста, жители на Хонк Конг кои се изгубиле во Кањон Матка, во реонот на средновековниот манастир „Свети Никола Шишевски“ и беа пронајдени и спасени од тим од Полициската станица Сарај за два часа од нивното јавување, во 20.15 часот, соопштија од ЦУК.
-Двата туриста повикот за помош до 112 во ЦУК го реализирале од мобилен без картичка, координатите не било можно да се одредат во овој случај, мрежата била со слаба јачина на сигнал, но можело да се разговара. Информирале на англиски јазик дека се изгубени и без орентација каде се, туку информирале дека се опкружени со високи ридови и дека имаат минимално храна и вода. Дежурниот оператор на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК, бил подолго време во комуникација со нив и ги координирал да пронајдат бележито нешто во нивната околина. По пронаоѓањето на знак на патека за манастирот „Свети Никола Шишевски“, дежурниот оператот од 112 во ЦУК им посочил престанат да се движат и да останат до знакот на патеката. Потоа, веднаш координирал со МВР за нивно прнаоѓање и за извлекување на безбедно. Тим од Полициската станица Сарај брзо излегол на терен и ги пронашол, според описот на локацијата каде бил знакот за Манастирот, по што се извлечени на безбедно здрави и живи, во 20.15 часот, за два часа од нивното прво јавување, истакнуваат од ЦУК.