Долги години сум наставник и поминав низ многу промени и реформи во образованието. Секоја од нив си носеше свои позитивни страни, но секогаш имаше и недостатоци. Но вакво нешто досега не доживеав и искрено кажано: ТУЃ СРАМ МЕ ЈАДЕ!
Јас знам дека развојот на технологијата донесе револуција во модерниот свет и драстично го промени современото општество. Влијаеше на секој аспект од нашиот живот: од споделување на информации, комуникација, бизнис, образование, до поедноставување на секојдневните задачи, правејќи го поедноставен и побрз, но не и нужно подобар.
Паралелно со технологијата, се разви и еден од многуте новитети, за некои погодност, а за некои не: е-учебниците. Можеби многумина веднаш ќе речат дека е-учебниците станаа сè повеќе популарни со причина, затоа што се штеди хартија, или дека зафаќаат малку простор и децата не мора да ги носат во ранецот, на грб до училиште.
Како и да е, јас не сум една од тие и не се согласувам хартиени учебници да има само до трето одделение.
Не се согласувам, бидејќи, иако дигитализацијата во образованието е потребна, Вие ја воведувате, а не создадовте никакви предуслови за тоа. Тоа е долготраен процес кој подразбира претходни активности и подготовки.
Сметам дека дигитални материјали со мултимедијални содржини треба да се користат во наставата, но и за таа цел ќе треба да обезбедите таблет за секое дете и интерактивна табла во секоја училница.
Но, хартиени учебници мора да има. Зарем не е доволно што децата и онака поминуваат премногу време во виртуелниот свет и стануваат зависници од електронските уреди, со што ја уништуваат и меѓусебната социјална комуникација?
Иако и двата вида учебници имаат иста цел, јас во ниту еден случај не се согласувам со тоа што хартиените учебници ќе ги исфрлите од употреба.
Печатените книги понекогаш се опишуваат како „традиционални“ или „застарени“, но сепак овозможуваат прецизен и ефективен начин на читање. Тие го зголемуваат начинот на размислување, ги подобруваат комуникациските вештини, влијаат на тоа како читателот се изразува и нудат проширување на умот кон нови идеи и креативности. Не смееме да заборавиме дека печатените книги се дел од нашата култура и наследство и дека нашите библиотеки содржат културни и историски богатства. Исто така, тука е и доживувањето при читањето. Љубителите на книги знаат дека нема ништо подобро и поубаво од тоа да седиш во фотелја со добра книга во рака, чуствувајќи го допирот и мирисот на страниците на книгата. Претпоставувам сте го доживеале тоа чувство?
Со години ги учев децата да градат посебна почит кон книгата, ги носев и запишував во Градска библиотека уште од прво одделение, со цел да им ја разбудам љубовта кон пишаниот збор и книгата, а тоа се постигнува само со директен контакт со книгата во нашите раце, а не преку екранот на уредот.
Со години ги советувам учениците да не седат долго пред компјутер и им ги предочувам штетните последици од тоа. Зарем сега ќе треба да се исправам пред истите тие деца и да им кажам дека треба да поминуваат многу часови од денот пред истиот тој уред, ако сакаат да научат и да ги усвојат потребните знаења?
Пишува: Весна КУСАКАТСКА