четврток, 14. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Тумори на дишното стебло од понеделник на пулмологија ќе се отстрануваат без хируршки зафат

Тумори на дишното стебло од понеделник на пулмологија ќе се отстрануваат без хируршки зафат

На Универзитетската клиника за пулмологија в понеделник на двајца пациенти треба да им биде остранет тумор во бронхијалното стебло со помош на крио сонда по пат на замрзнување и внесување бронхоскоп, без да се прави хирушки отвор со операција. Со ова се избегнува класична операција за отстранување тумор на дишните патишта.

Директорот на Клиниката, Дејан Докиќ за МИА изјави дека со примената на оваа метода на Клиниката ќе почне да функционира првиот референтен центар за интервентна бронхоскопија.

– Методата ќе ја спроведуваат лекари од Клиниката кои се едуцирани во Детроит, Хамбург, а дел беа и во Словенија. Имаме и апарат кој е аргон плазма ако има крварење, а има балони со кои може да се запре крварењето, рече д-р Докиќ.

Од Клиниката очекуваат годишно да имаат од 50 до 100 пациенти. Во регионот нема ваков напреден систем кој е пракса во цела Европа, а пациентите за да добијат ваков третман се принудени да одат во Белград, Софија или Атина, каде оваа интервенција се плаќа. Од Клиниката ќе бараат Фондот за здравствено осигурување да ги покрие трошоците за осигурениците, а се очекува да доаѓаат и приватни пациенти од Јужна Србија, Косово и Албанија. (МИА)

Најнови вести