Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, оствари средба со министерот за правда Никола Тупанчески.
На средбата се разговараше за потребите на Основното јавно обвинителство Скопје, како обвинителство со најголем обем на предмети во државата. Од тој аспект беа разгледани можностите за техничка поддршка за опремување на истражниот центар во ова обвинителство и за ставање во функција на судницата во КПУ Затвор „Идризово“.
Бубевски и Тупанчески дискутираа и за динамиката на активности на работните групи кои го подготвуваат новиот Кривичен законик и на измените во Законот за кривична постапка. Во тој контекст беше нагласено дека се очекува новите законски решенија да бидат доставени во собраниска процедура до крајот на годинава.