Одржување заедничка конференција на која ќе се разменат искуства и решенија од Македонија и Србија во врска со правосудниот систем, договориле министерот за правда Никола Тупанчески и неговата српска колешка Маја Поповиќ на денешната средба на маргините на самитот „Отворен Балкан” кој се одржа во Белград.
-Посебен акцент ќе се стави на дигитализација во судството, начинот на избор на судии и јавни обвинители, изнаоѓање на решенија за подобрување на условите во казнено поправните установи како и извршување на алтернативни мерки, се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Тупанчески и Поповиќ договориле во наредниот период да се интензивираат консултациите и размената на искуства, со цел да се забрзаат реформите во евроинтегративните процеси.
Двајцата министри потенцирале дека добрососедските односи треба да продолжат да се развиваат и во иднина.
На средбата присуствувале и државниот секретар во Министерство за правда Ливија Павичевиќ и Дејан Царовиќ од Управа за извршување на кривични санкции на Србија.
Иницијативата за Отворен Балкан на Република Македонија, Албанија и Србија се покажа дека е функционална и европска, а целта е политиката да се развива низ отворени врати со единствен пазар, без граници и интеграција во ЕУ. (МИА)