Законите не можат да бидат алатка на политиката, туку рамки и граници на легитимно политичко дејствување, а Казненото право како највисок степен на заштита треба да биде граница преку која не смее да помине никој, изјави министерот за правда, Никола Тупанчески, на денешна стручна расправа за предлогот на новиот Кривичен законик.
На настанот по повод стручна расправа за предлогот на новиот Кривичен законик во организација на Министерството за правда во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, министерот Тупанчески информираше дека од објавувањето на законот на ЕНЕР, уште на почетокот на јули оваа година, биле добиени голем број на мислења, коментари и предлози кои внимателно биле разгледани и сѐ уште се разгледуваат од страна на работната група.
– Нашата цел е да добиеме нов модерен кодифициран акт, нов Кривичен законик во кој ќе бидат инкорпорирани сите решенија и стандарди од релевантните меѓународни инструменти, со кои ќе се подигне правната сигурност на граѓаните, а на практичарите ќе им биде олеснета примената на неговите одредби, додаде тој.
Во изјава за медиуми министерот рече дека не секогаш измените и дополнувањата на КЗ биле среќно направени, туку, како што рече, имало ситуации каде што биле констатирани одредени неконзистентности во нормативата, односно одредбите кои беа дел од КЗ.
– Ова е навистина добра можност комплетно да се ревидира кривичното законодавство, да се направи негова кодификација и во целост да се преиспитаат, ревидираат и истовремено да се донесат одредби кои ќе бидат дел од кривичниот законик и ќе кореспондираат со адекватните европски и светски трендови. Се работи за голем проект, работната група која работеше на подготовка на драфт верзијата, ова се последните подготовки во однос на донесувањето или во однос на дотерувањето, односно дизајнирање на последната фаза од драфт верзијата, рече тој, дополнувајќи дека ова ќе биде одлична алатка за сите судии, обвинители и институции во однос на подобрување на легислативната рамка и подобрување на состојбите.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопе, Клеменс Која, говореше за поддршката која ОБСЕ ја дава.
– Ја дававме во процесот на изготвување на КЗ. Во последните три години оваа мисија даваше правна експертиза и беше домаќин и модератор на 167 сесии на изготвување на законите и 13 настани за работната група на Министерството за правда, која го изготвуваше новиот КЗ. Овие бројки ја покажуваат посветеноста на Министерството и членовите на работната група да учествуваат во процесот на изготвување на законите, рече тој.
Тој посочи дека овој процес барал обемна координација и соработка меѓу претставниците на судовите, обвинителствата, Адвокатската комора, извршителите и организациите, на граѓанското друштво и канцеларијата на ИРЗ и други меѓународни експертски организации кои споделиле свои професионални согледувања за различни аспекти на КЗ.
– Би ве поттикнал сите да се залагате за неодложно усвојување на новиот Кривичниот законик. Ви посакувам сите да останете на патеката на праведност, објективност, непристрасност, бранејќи и спроведувајќи ги демократските вредности во кои верувате и создавајќи квалитетно законодавство кое ќе ги штити правата на граѓаните. Квалитетното законодавство и неговото делотворно спроведување се камен темелник за делотворен меѓународен правен систем, порача шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, дополнувајќи дека ОБСЕ и натаму ќе го нуди своето партнерство, како сојузник во напорите на земјата да се стреми кон поделотворен законодавен процес.
Владо Камбовски, академик, претседател на Комисијата за подготовка на новиот Кривичен законик, рече дека формирањето на одредбите во КЗ не е нормативно техничко прашање, туку е пред сè вредносно прашање.
– КЗ одредува што е право а што е неправо во една држава. Одредува како општеството, односно државата, треба да реагира на одредени видови на неправо. Сето тоа, и овој наш нов КЗ треба да ги донесе во услови не многу поволни за овие основни начела, а тоа е владеењето на правото, кое, како што гледаме по започнување на преговорите за членство на Републиката во Европската Унија, станува првото прашање кое се става на преговарачката маса, рече тој.
Вниманието, како што рече, било фокусирано на неколку новини.
– Пред сè на системот на санкции, потоа посебните казнено-правни мерки како што е конфискацијата и одземањето на предмети, во посебниот дел тоа е низа нови инкриминации, кои се рефлексија на појава на нова форма на криминал, особено еколошката сфера или сферата на био-етиката, потоа заострување на казнено-правната репресија во однос на одредени тешки форми на криминал од корупција до тероризам и злоупотреби на власта, заштита на интересите на ЕУ, истакна тој.
Во изјава за медиуми, професорот истакна дека значајна измена во општиот дел е допрецизирање на режимот на конфискацијата на криминалните приноси.
– За да се избегнат досегашните празнини, недоречености и лоша практика во примената на оваа значајна мерка во борбата против организираниот криминал и корупцијата, бидејќи истовремено се прават измени на Законот за кривична постапка, измените од општиот дел на КЗ треба да бидат проследени со брзи измени за да се ефектуираат и да ја надминеме практиката во која утврдуваме постоење на тешки кривични дела, рече тој.
Како значајни измени ги наведе и системот на инкриминација, појавата на нови инкриминации – во делот на делата квалификувани облици на говор на омраза со кои, како што рече, треба да се реагира на поплава од говор на омраза од социјални мрежи до јавни трибини и слично, родовата еднаквост, заштита на ранливи категории, новинарите, кај делата против службената должност, делата против економијата и финансиите и делата на стечај.