Уште едно лице крвнички претепано, сомнежи за можна одмазда, власта молчи и не реагира. Имено во вчерашната емисија „Отворено“ на Тв Алфа беше отворена дилема дали некој се одмаздува за случајот со нападот врз пратеникот Зијадин Села во Собрание, случајот на Стојан Павлевски е трет по ред, каде што се претепуваат лица поврзани со настаните од 27 април во Собрание.
Стојан Павлевски кој е осуден за насилство, во случајот 27 април, веќе 20 дена е во критична состојба на клиника, бидејќи полицијата и обвинителството не можат да утврдат ни мотив ниту пак сторители. Кој го претепал буквално до смрт, пред камерата на Алфа сведочела неговата мајка.
-Ниту може да зборува, само гледа со очите нагоре, ако му дадам вода добро ако не ништо. Нозе, раце се му се отечени, цел е катастрофа. Пробува да збори ама ништо не го разбирам, пошто е удрен повреден во главата, сведочи неговата мајка.
Со него настрадал уште еден скопјанец, кој најверојатно се познавал со Павлевски.
-И уште еден има со него што бил, тој бил удрен во главата и раката му е скршена ама е во добра состојба, мислам, вели мајката на Павлевски.
Полицијата со штури информации за крвавиот напад врз Павлевски. Критичниот 24 септември кога е претепан, има регистрирано само пријава од граѓани.
На 24.09.2018 од граѓани било пријавено дека на влезот од Зелен Пазар, во паркот лежеле две лица. Полициски службеници излегле на местото, а лицата со возило на Итна медицинска помош биле однесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде им била укажана лекарска помош. По преземените мерки било утврдено дека станува збор за лицата В.Т. (58) и С. Павлевски (52), двајцата од Скопје, стои во соопштението од МВР.
Скопјанецот кој најверојатно поради Павлевски бил натепан, после три дена од нападот случајот го пријавил во полиција, но никаде во пријавата не го споменал Стојан.
Во врска со овој настан на 27.09.2018 година во 12 часот во СВР Скопје, В.Т. пријавил дека на 24.09.2018 година околу 18:30 часот во близина на угостителски објект на булевар „Кочо Рацин“ физички бил нападнат од 3 непознати лица при што паднал во бессознание. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. Стои во соопштението на МВР за пријавата поднесена од второто лице кое било повредено.
Стојан Павлевски после 8 месеци одбрана за обид за убиство, доби преквалификација на делото, а изрази и каење за насилството врз Зијадин Села. Судот го осуди на 3 години затвор. Тој е последната жртва на инциденти кои изминатиов период зачестија, а се поврзани со 27 април. Две тепачки претходеле во притворското одделение во Затворот Скопје, познат како Шутка. Еден притвореник кој кривично го товарат за нападот врз пратеникот Зијадин Села, бил претепан до бессознание.