Владата на Зоран Заев продолжува со нападите на независните медиуми ширејќи лажни вести, злоупотребувајќи ги институциите на државата, овој пат Управата за јавни приходи, вели управителот на телевизијата Јани Бојаџи.
-Вчера на веб страницата на “Владата на лажните вести” осамна список со компании што добиле, а не испалтиле субвенции за плати на вработени. На тој список лажно и тенденциозно е ставена и нашата телевизија. Субвенциите што Управата за јавни приходи на сметката на телевизијата ги има префрлено на ден 31 Јануари, петок, Телевизија Алфа, во потполн износ ги има исплатено на 03 и 04 Февруари, среда и четврток следната недела, 5 дена подоцна, како дел од редовните исплати на плати, придонеси, регреси и други додатоци на плати. Значи, еве ја технологијата на ширење на лажни вести: евтина, провидна и лесна.
На 31 Јануари, петок, префрлате средства, а во понеделник, 2 дена подоцна, на 2 февруари, правите пресек за претходниот месец и објавувате список со лаги и невистини. Алфа Телевизија доби субвенции од 1 милион и седумстотини илјади денари, а на своите редовни вработени, хонорарни и други соработници во информативната, документарната, забавната и играната продукција, повеќе од 160 извршители, им исплати околу 10 милиони денари или околу 110.000 евра, вели Бојаџи.
Бојаџи вели дека најсмешно во целата ова ситуација е тоа што сите тие движења на нивната сметка се на секојдневен увид на УЈП која има потполен преглед на приливот и одливот на средствата наменети за исплата на плати и придонеси на вработените.
-Во овој случај, сметаме дека Владата на Зоран Заев шири лажни вести со цел да го наруши угледот и работењето на единствениот медиум кој има критичка уредувачка политика кон неа. Телевизија Алфа ова го смета како уште една злоупотреба на државни ресурси со цел партиски и владин притисок врз нашата телевизија, вели Бојаџи.