Кафеавата мечка е диво животно со највисока заштита во законот и предупредуваме дека така треба и да остане, апелираат од организацијата Анима мунди откако во јавноста излезе проблемот на жителите на Маврово, каде се почесто мечки се спуштаат во населените места.
„Отстрел, убиство на диви животни не смее и нема да биде предлог на маса за решавање на овој проблем наместо наметнување мерки на населението и комуналните служби, преземање дејствија за редовно чистење на отпад и прихранување на мечките. Обука на населението како да се заштити и превенира, коегзистира со дивите животни што е пракса во секоја цивилизирана држава со развиена свест“, се вели во реакцијата на организацијата.
Во писмениот допис до Владата, од Општина Ростуше и Маврово посочуваат дека мечките, кои според податоците на Националниот парк „Маврово“ се околу 160-180 на број на оваа територија, предизвикуваат големи материјални штети, особено на пчеларите, сточарите, земјоделците, како и на домовите на жителите на Општината за што, како што додаваат, е повеќепати пријавувано до надлежните.
„Општина Маврово и Ростуше ги презеде сите активности и мерки кои се во нејзина надлежност, со цел да ги заштити своите граѓани. Одржани се состаноци со месните заедници на сите населени места во Општина Маврово и Ростуше, полициските одделенија во Ростуше и Маврово, граничните полициски станици во Жировница и Стрезимир, ЈУНП ‘Маврово’, претставници од Министерството за земјоделство, шумарство водостопанство и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање“, велат од Општината.