Уште десетина дена од почетокот на новата учебна година, а Министерството за образование не се произнесе дали и оваа година учебниците за основно и средно образование ќе доцнат. Имено, минатата година учениците беа оставени сами на себе да се снаоѓаат од што ќе учат бидејќи учебниците доцнеа подолг период.
Лани министерот за образование пред самиот почеток на учебната година најави дека учебниците ќе доцнат поради две причини: долгот кој министерството го има кон издавачите за учебниците за минатата година, како и измените кои ги најави министерството за 24 учебници во кои беа утврдени грешки. Издавачите лани пред десетина дена писмено се обратиле до министерството со барање да им го исплати долгот од лани за печатените учебници за да почнат да ги печатат учебниците од оваа година, што било одбиено од министерството. Издавачите информираа дека и покрај тоа, почнале да ги печатат учебниците. Дури тогаш книгите за основно образование се комплетирале до втората половина на септември, а за средно крајот на октомври.
И покрај ветувањето на министерот, лани родителите се соочија да нивните деца немаат учебници и во ноември што започнаа и лавина реакции за кои пишуваа медиумите.
Трет месец од учебна година 2018/2019 низ книжарниците сè уште ги немаше сите потребни учебници кои ги вети Министерството за образование како новина за оваа година. Од книжарниците велеа дека досега не добиле ниту една книга и не знаат кога би се случило тоа.
Од книжарниците дури образложуваа дека досега не стигнала ниту една книга но исто така не знаат ниту какви книги би требало стигнат бидејќи моментално немаат ништо.
А, поплаки од родители секојдневно имаше и по социјалните мрежи, но и во книжарниците се расправаа, бидејќи нивните деца нема од што да учат. Најчесто велеле „Нека ги донесат веќе книгите бидејќи децата останаа без учење“. Додека пак некои родители копирале 5 или 6 страници од книгата бидејќи наставниците им рекле дека во меѓувреме ќе пристигнат сите книги, но тие никако не пристигале.
Дали ваква тензична ситуација не очекува и оваа учебна година 2019/2020 останува да видиме иако во предизборието власта ветуваше подобро образование, но претходниот заменик министер на образование Петар Атанасов на ФБ статус при давање оставка напиша дека во министерството досега откако тие дојдоа на власт ништо позначајно се нема направено за доброто на младите генерации.
„Освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството, овој период не се случи ништо позначајно. И тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува севкупните состојби. Промените во образованието кои ги навестувавме, не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! Пред само една недела во еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо, може да очекуваме образованието да го реформираме за 10 до 15 години. А можевме многу, многу, подобро. Уште пред парламентарните избори составив тим со кој заедно изградивме одлична програма и план, и силно верувавме во политиките кои требаше да ги реализираме. Се чинеше дека успехот е неизбежен. Ем знаевме, ем можевме, уште само требаше да покажеме дека и умееме“.
Сето ова говори дека образованието во Република Македонија тапка во место. Но на почетокот од новата учебна година ќе видиме дали нешто се има сменето за доброто на идните млади генерации.