Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска учествуваше на панел дискусијата „Пристап кон аутизмот“ што се одржа во Европска куќа по повод одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот.
Г-а Ѓоргиевска истакна дека е потребна сеопфатна студија во којашто ќе се види колкав процент и број на лица со аутистичен спектар има во земјава со цел да се изработат адекватни законски решенија и да се овозможи планирање на број на асистенти.
„Бројот на лицата со аутистичен спектар се зголемува, иако го немаме точниот број. Секојдневно во работата гледаме дека имаме зголемен број на лица со аутистичен спектар. Затоа, потребно е да се вложува во дневни центри затоа што социјализацијата е особено важна за лицата со аутистичен спектар“, нагласи г-а Ѓоргиевска.
Сопругата на претседателот истакна и дека постои поголема свесност за лицата со аутистичен спектар во смисла на нивно рано дијагностицирање, нивно третирање и рехабилитирање, а со подигнувањето на свеста за овие предизвици ќе им се помогне за подобар квалитет на живот.
На панел дискусијата со свои видувања се обратија Анѓела Милевска, специјален едукатор и рехабилитатор, Дамјан Павлов, студент по медицина, Денис Јанкуловски од „Аутизам ААМК“ и Домника Кардула, родител на дете со аутизам.
Панел дискусијата е можност да се дискутира пристапот кон аутизмот и значајноста на холистичкиот пристап кон грижата за аутизмот, истражувањето и развојот на аутизмот, како и други теми од важност за аутизмот.
Настанот е продолжение на серијата дебати од областа на здравството коишто се реализираат со поддршка на сопругата на претседателот и амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир во соработка со Клубот на млади лекари и со учество на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, Здружението на студенти по медицина и здруженија и поединци кои делуваат во оваа област.