Управата за јавни приходи во текот на 2020 на газдите не им блокирала ниту една сметка за неисплатени плати кон работниците. Ова го покажува билансот за неподмирените дваачки од бруто-исплатите за здравствено, пензиско и социјално осигурување, како и персоналниот данок, информира Фактор.
Долгот кон УЈП по овој основ бил зголемен во апсолутен износ за 845.249.117 денари или за 11,11 отсто повеќе во однос на една година претходно. Во 2020 година УЈП сепак редуцирано спроведуваше мерки за присилна наплата на неплатените даночни долгови.
Ова се должи најмногу на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба со која не се издаваше опомена за плаќање на данок и според тоа не можеше да се отпочне постапка на присилна наплата за време на траењето на вонредната состојба, како и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 30 јуни 2020 година.
„За секој месец Управата за јавни приходи ги изготвува и доставува блокадите во динамика утврдена со Календарот на активности, така што од доставата на опомените до доставата на блокадите поминува времето што ги вклучува законскиот рок во кој електронската достава се смета за уредна, законскиот рок за плаќање по опомена и времетраењето на интерните активности за проверка на уплатите, изготвување на решенијата и сл., но секако пред доспевање на обврската за плаќање за следниот месец.
Ова е редовна динамика на постапување на Управата за јавни приходи во изминатите години, како и во тековната 2021 година, со која има целосна ажурност во постапувањето и спроведувањето на законските овластувања на Управата за јавни приходи.
По престанувањето на вонредната состојба, Управата за јавни приходи ги продолжи своите активности при што ги опфати сите даночни долгови од претходни месеци кои беа доспени и ненаплатени“, се вели во одговорот кој го добивме од управата, анализира Фактор.