Управата за јавни приходи, ја информира јавноста, дека завршија контролите на терен во „КАМ“ и ниту еден маркет не е затворен, ниту пак до овој момент има изречено казни кон овој даночен обврзник.
– Законска обврска на УЈП е да го штити интересот на граѓаните и на државата. Во таа насока а по пријава на граѓани и институции, УЈП започна со надворешна контрола, согласно законот за увид во состојбата со залихите на трговската стока во магацините и продавниците, се со цел да се утврди фактичката состојба и да се изврши споредба со книговодствената евиденција. Со првичниот и прелиминарен увид на терен, инспекторите утврдија дека дел од малопродажните објекти не само во погоре посочениот маркет, туку и кај некои други маркети на големите ланци, се пресметувалo 5% ДДВ за основните производи за храна. Дел од маркетите, продавале масло за јадење, свежо говедско месо, ориз и млеко со пресметан данок на додадена вредност што пак е спротивно на одлуката на Владата и на измените во Законот за данок на додадена вредност. Без селекција и преку надворешните контроли кои ги извршуваат инспекторите на УЈП, кај сите даночни обврзници се проверува целокупното работење за одредениот период, односно, се контролира правилното искажување на приходите и трошоците од работењето кај даночните обврзници кои покажале отстапки по однос на примената на даночната стапка, односно со намалување на ДДВ од 5 на 0%, информираат од УЈП.
Од таму посочуваат дека инспекторите постапуваат по пријави на граѓани и извршуваат увид и контрола, секаде каде што веќе имаше укажување и сомневање дека постојат индиции за непочитување на законите при работењето.
– Управата за јавни приходи ќе продолжи со континуирани контроли на терен се со цел заштита на стандардот на граѓаните. Целта на контролите не е да се казнува, туку да се укаже на сите даночни обврзници дека законот мора да се почитува. УЈП и инспекторите не познаваат ниту политичка, ниту верска, ниту пак национална различност. Контролите се вршат исклучиво и само во насока на почитување на Законите и за заштита на стандардот на граѓаните. Управата за јавни приходи, преку инструментите и надлежностите кои ги има ќе продолжи да ги пресретнува можните злоупотреби од страна на даночните обврзници и да спречи евентуално нанесување на штета врз граѓаните или буџетот на Република Северна Македонија, се додава во соопштението на УЈП.