Укинат е притворот на екс началникот во МВР Оливер Поповски кој е обвинет за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, како и на градоначалникот на општина Пустец Едмонд Темелко, обвинет во предметот на СЈО „Титаник“.
За укинување на притворите за двајцата понудена е гаранција во недвижен имот, а судот побара и мерка претпазливост, односно да се јавуваат еднаш неделно во судот, како и одземање на патните исправи.
– Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по предлог на одбраната на Поповски, опфатен со обвинителниот акт поврзан со настаните во Собранието на Македонија, донесе решение со кое го уважи предлогот за укинување на мерката притвор со понудена гаранција во недвижен имот, со кое по правосилноста на решението и запишување на хипотеката од страна на Агенцијата за катастар, мерката притвор ќе се укине, а заради обезбедување присуство во текот на постапката на обвинетиот му се определуваат мерки за претпазилвост и тоа: Обврска на обвинетиот да се јавува еднаш неделно на одговорно службено лице во судот и Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, се наведува во соопштението од Основен суд Скопје 1 – Скопје.
Кривичниот совет го укина и куќниот притвор на Едмонд Темелко обвинет во предметот на СЈО означен како „Титаник“, по претходно барање на одбраната, а како гаранција е понуден недвижен имот.
Судот донел решение со кое го уважи предлогот за укинување на мерката куќен и го уважува предлогот на СЈО со кој заради обезбедување присуство во текот на постапката му се определуваат мерки за претпазливост и тоа, обвинетиот има обврска еднаш неделно да се јавува во Основен суд Ресен и привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.