Гласањето за наградата за отворена Влада, што се доделува на глобално ниво како дел од десетгодишниот јубилеј на иницијативата Отворено владино партнерство, ќе се одвива до 22 октомври, а сите граѓани на Македонија ќе можат да дадат поддршка за заложбата за потранспарентни општини. Групата иновативни алатки кои ја зголемија транспарентноста на општините во земјава се во конкуренција на изборот за највлијателна заложба во Европа. Гласањето ќе се одвива на веб-страната на Отворено владино партнерство.
Од Канцеларијата на УНДП во државава информираат дека иновативни алатки се креирани и ставени во функција во изминатите три години, во рамки на заложбата „Воспоставување нови алатки за подобрување на финансиската транспарентност и отчетност на единиците на локалната самоуправа“.
– Најобемната активност резултираше со креирање електронска алатка која на општините им овозможува да им ги прикажат на граѓаните финансиското работење и реализацијата на буџетот на разбирлив начин. Досега, вкупно 39 општини ја препознаа ефикасноста и практичноста на оваа алатка, а податоците за сите овие општини се достапни на веб страницата на Министерството за финансии, се вели во соопштението.
Од УНДП додаваат дека Министерството за локална самоуправа е носител на оваа заложба со којашто се имплементираат нови и иновативни алатки за брз и лесен пристап до податоците за реализацијата на општинските буџети.
Граѓаните имаат пристап до информирање за што се користат нивните пари, а со тоа општините ја зголемуваат транспарентноста и отчетноста.
Министерството за локална самоуправа оценува оти оваа заложба е корисна за сите и со тоа граѓаните имаат влијание, а претставниците во Советот на општината носат одлуки врз основа релевантни и достапни податоци.
Национален координатор на иницијативата Отворено владино партнерство, која се спроведува од 2011 година, е Министерството за информатичко општество и администрација. Заложбата пак за транспарентни општини ја спроведува Министерството за локална самоуправа во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Министерството за финансии, ЗЕЛС, UN Women, Здружението на финансиски работници и партнерските општини, во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Доколку заложбата за потранспарентни Општини биде избрана меѓу највлијателните во Европа, од УНДП информираат дека ќе учествува на Глобалниот самит за Отворено владино партнерство, кој ќе се одржи во Јужна Кореја кон крајот на годината.