Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, од годинава почна со студии од втор циклус. За тоа сме посебно горди, поради тоа што овие студии ја надополнуваат нашата мисија да создадеме професионален кадар, кој ќе влијае на развојот на општеството. Студиите на албански, македонски и англиски јазик, ги водат околу 100 искусни професори и асистенти, кои се столбот на нашата надградба како високо образовна институција, истакна денеска ректорот на Универзитетот, Азис Положани на прес-конференција по повод одбележувањето на третата годишнина од основањето на оваа високо образовна институција.
Тој рече дека петте факултети за градежништво и архитектура, за информатички науки, за технички науки, за технолошки науки и за социјални науки целат кон развивање на студентите во идни академски граѓани. Посочи дека за Универзитетот тоа е значајно поради фактот што студентите се иднината, и нивната мотивација и поттик за напредок ќе ја подобри економијата во државата на долг рок.
Првата академска година во 2016 година Универзитетот ја почна со 218 студенти, а минатата година бројот на регистрирани студенти достигна 492. Академската година 2018/2019 стартуваше со 656 нови студенти, со што вкупниот број на студенти на УМТ достигна 1.426, што претставува зголемување за околу 300 проценти од првата до последната година.
Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје има воспоставено соработка со универзитети од државата и од земји во регионот и Европа, и тоа од Албанија Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Италија, Турција, Велика Британија и многу други. Моментално се активни 22 договори со универзитети и девет договори со специјални институции со кои редовно се разменуваат вредности и искуства.