Македонија нема капацитет за онлајн учење – алармира универзитетскиот професор Орце Симов за Алфа. Крахот на националната платформа не треба да биде изненадување вели тој. Доказ за тоа е што наместо на платформата учениците првиот училишен ден имаа само класен час преку мајкрософт тимс. Имаше и такви што не успеаа на ниту еден начин да се приклучат на онлајн час.
-Треба да се обезбедат доволно интернет ресурси кои ќе овозможат трансфер на податоците кои ќе бидат генерирани кон сите учесници во процесот. Голем проблем е интернет капацитетот во училиштата, доколку во едно училиште 60 наставници во паралела треба да предавааат и предавањата бидат преку видео за да учениците можат да гледаат а за едно предавање во просек е потребно 0,5 мегабита во секунда вкупниот аплинг треба да биде 30 мегабита во секунда училиштата не располагаат со таков интернет, вели за Алфа универзитетскиот професор Орце Симов.
Неколку дневната обука на наставниците за работење на платформата не беше доволна – вели професорот Симов, според него тоа дополнително го комплицира процесот за учење на далечина.
Освен што стотици ученици и наставници школската година ја дочекаа без компјутер, и училиштата се соочуваат со недостаток на соодветни ИТ уреди.
-И компјутерската опрема и опрема за видео и аудио снимање е најважна, која треба да ја користат наставниците на предавањата – таква опрема треба да има секој наставник.Тука се вбројува и опремата која треба да ја има секој ученик за да може да ја следи онлајн наставата.Во момнетот на лагер во компјутерските компании многу тешко може да се најде лаптоп на лагер, вели професорот Симов.
Според ИТ инженерите спасот сега за сега е онлајн наставата да биде преку мајкрософт тимс. Дали и кога комплетно ќе профункционира бомбастично најавуваната национална платформа за учење на далечина останува времето да покаже.