вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Управата за заштита на културното наследство – последната порта на македонските идентитетски обележја

Управата за заштита на културното наследство – последната порта на македонските идентитетски обележја

Колумна на м-р Александар Јорданоски

Заштитата на културното наследство во Република Македонија  во однос на хиерархиската надлежност е поделена на три сегменти. Тука, во прв ред е Министерството за култура, како главен и доминантен финансиер на годишните програми за остварување национален интерес во културата во делот за заштитата на културното наследство  – недвижно, движно и нематеријално, потоа мрежата од национални и локални инситуции од областа на заштитата на културното наследство, сегмент кој непосредно и практично ја реализира заштитата на културното наследство – стручни работи, а тука е и Управата за заштита на културното наследство, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице – контролен механизам на целиот тој процес што се одвива меѓу Министерството и институциите за заштита на културното наследство – јавни функции.

Речиси сите држави кои гравитираат кон Медитеранскиот културен комплекс имаат развиени, и различни и зајакнати системи на заштита на културното наследство и покрај постоењето засебни министерства за култура. Така, во Египет имаме спојување на културата и туризмот во едно министерство, модел кој нуди мерки за деловно ползување на старините, модели на посебно министерство за заштита на кутурното наследство, а најчесто модел со централна институција за заштита на културното наследство, која претставува десна рака секое министерството за култура во дадена држава. Третиот пример за заштита на културно наследство е применет во Македонија, кој во најголем дел е образуван по италијанскиот модел презентиран на TAIEX Workshop on the Integrated Approach in Protection of Cultural Property во Скопје 2016 година, а близок до нашиот е и хрватскиот модел на заштита на културното наследство.

Во 2018 година се тргна со фронтален напад кон оправданоста од постоењето на Управата, односно нејзино укинување, што би значело дека се нарушува воспоставениот концепт на огранизација на заштитата на културното наследство, кој се заснова на поделба на стручни работи и јавни овластувања, Тука се вбројуваат управните работи, водењето на Националниот регистар на културното наследство, Археолошкиот катастар, конзерваторскиот мониторинг, мониторингот на безбедноста и превенцијата на културното наследство итн. Исто така, нарушувањето на воспоставениот систем на заштита на културното наследство ќе го оптовари Министерството за култура со јавни овласувања, односно управни-стручни работи, кои, пак, има значителна дневна динамика во прометот на севкупната документација, како ревизија на елаборати за валоризација/рева­лоризација на културното наследство, одобрување на заштитно-конзерваторски основи за просторни и урбанистчки планови, издавање дозволи за археолошки истражувања, одобренија за конзерваторски истражувања, конзерваторски одобренија, прием на конзерваторски работи, уверенија за извезување/изнесу­вање движни добра итн. Би се усложнил и инспекцискиот надзор специјализиран за превенција и контрола при споведувањето на Законот за заштита на културното наследство. Нагласувам дека се работи за стручна инспекција за секоја област одделно во областа на заштитата на културното наследство, како: археологија, архитектура, историја на уметноста, етнологија итн.

Во 2018 година обидот за укинување на Управата предвидуваше управните работи кај стручните институции да бидат распределни во три категории, така како што е и поделено културното наследство, односно кај институциите задолжени за заштита на недвижното, движното и нематеријалното културно наследство. Тоа ќе отвореше можност за невооедначено практикување на Законот за заштита на културното наследство. Значи, зводите за заштита на културното наследство би ги вршеле управните работи од областа на недвижното културно наследство, музеите за движното културно наследство, а, пак, овластените субјекти за заштита на нематеријалното културно наследство за наследството за кое се задолжени, кои, пак, во поголем број не се од редот на институциите под надлежност на Министерството за култура, туку имаат делегирано право на заштита и се од редот на Министерството за образование и наука.

Отсуството на Управата од парадигмата на заштитата на културното наследство и евентуалното десперзирање на надлежностите го нарушува воспоста­вениот централизиран систем за вршење на функциите на државата во оваа исклучитолно сензитивна област. Со други зборови, се создаваат предуслови за дисхармонично делување на институциите задолжени за заштита на културното наследство. Таква состојба имаше пред 2004 година, односно пред донесувањето на првиот македонски Закон за заштита на културното наследство – разнообличие при примената и спроведувањето на легислативата.

Но ваквите идеи за укинување во 2018 или за развалстување кон крајот 2020 година на Управата за заштита на културното наследство не се предизвикани од некои големодржавни рационализации, зголемување на функционалноста на админи­страцијата и ефективноста или, пак, услогасување со европските директиви, бидејќи Законот за заштита на културното наследство во најголем дел одамна е веќе услогасен.

Ваквите пројави доаѓаат од нискобуџетни мисли и страсти на самопог­ласени „авторитети“ во заштитата на културното наследство кои својот работен век го поминаа во променада по калдрмата на Старата скопска чаршија и го доведуваат во заблуда секој министер за култура од 2004 година до ден денешен, притоа, задоволувајќи ги само апетитите на Неговото велчичество – ЈАС. Тие „авторитети“, кои потекнуваат од 80-тите и 90-тите години на ХХ век, не можејќи да го задржат времето кое незапирливо тече нанапред и сказалките на часовникот никако да се вратат наназад, сметаат дека со работно искуство во конзервација на ќебапчињата од „Космос“ имаат вечно приватно право врз заштитата на културното наследство. „Авторитетите“, немајќи идеја како да го поминуваат периодот од животот именуван како старост, а незаситени од нивната вечната потрага по еликсирот на младоста, во 2020/2021 година се обидуваат на индиректен начин да ја тргнат од сцена последната порта на македонските идентитетски обележја – Управата за заштита на културното наследство. Индиректниот начин, кажано со еден убав македонски архаизам подрогозина, за разлика од фронталниот во 2018 година, подразбира Управата да се претвори во англиска кралица, односно одземање на нејзините витални функции. Сите сознанија од археологијата, историјата, историјата на уметноста, етнологијата, фолклорот и јазикот кои го поминале филтерот на науката и станале суверен податок во македонската наука, во Управата добиваат оперативна улога во зачувување на културното наследство, кои, кажано со речникот на информатиката, претставуваат мемориска картичка на македон­ските идентитетски обележја. Накусо, овде имаме обид за атак на мемориската картичка.

Потсетувам дека првите процедури за основање на Управата за заштита на културното наследство започнуваат кога министер за култура е Ганка Цветанова, што значи Влада предводена од ВМРО-ДПНМЕ, а крунисувањето на целиот тој процес завршува во 2004 година кога министер за култура е сега веќе починатиот Благоја Стефановски, овојпат Влада предводена од СДСМ. Оваа илустација ја давам за да укажам на квалитативен приод кон едан суштесвена материја во една држава – културното наследство. „Авторитетите“ беа активно вклучени во креирањето на актите на Управата со валоризирана кариерна и парична и награда.

Најнови вести