Условна казна му е изречена на гинекологот Мухамед Асани, затоа што во нелегална ординација во неговата куќа, давал здравствени услуги, а меѓу клиентите беше и родилката Јалдз Веапоска, која подоцна остана без органи. Ова е исходот од првата кривична пријава која ја поднесе Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а Веапоска во изјава за „Макфакс“ вели дека е задоволна од пресудата. Сега, гинекологот не смее да направи ново кривично дело во наредните четири години, во спротивно, ќе треба да лежи затвор од две години. Пресудата е изречена во струшкиот Основен суд.
„Задоволна сум од исходот на случајот за нелегалната ординација, бидејќи му ја најдоа и го казнија за тоа што нелегално ме прегледуваше мене и сите жени во таа ординација. Таму имаше и други жени кои беа прегледувани. Верувам дека сум заштитила и други жени кои би отишле таму да се прегледуваат“, вели Веапоска за „Макфакс“.
Пресудата доаѓа две години откако ДСЗИ изврши вонреден надзор во нелегалната ординација. Тогашната директорка на инспекторатот, Ирина Сотирова – Бухова, констатираше дека гинекологот Асани имал комплетна ординација, која не била регистрирана и поднесе кривична пријава. Веапоска за „Макфакс“ додава дека ова е само почеток.
„Тоа е почеток, казната што ја доби од судот. Тоа му е прва пресуда. Дај Боже на пресудата за вадењето на моите органи, да се казни со затвор. Сакам повеќе да не е доктор. Да не осакатува други жени. Затоа и тргнав во оваа работа“, додава родилката.
Мухамед Асани беше директор на струшката болница. По јавното обелоденување на случајот со Ваепоска, тој беше разрешен. Според родилката, тој и натаму работи во болницата и обавува обврски како доктор. Со оваа пресуда не му е изречена забрана за вршење дејност.
Ваепоска води уште една битка пред струшкиот суд. Тој се гони затоа што по породување со царски рез во струшката болница, и извадил три органи на Веапоска.