Православните христијани утре го одбележуваат празникот Успение на пресвета Богородица, еден од најголемите празници посветен на Мајката Божја. Скопјани традиционално денеска поладне и утре го посетуваат манастирот посветен на Успението на пресвета Богородица во Матка, каде оваа година одбележувањето ќе биде согласност мерките за заштита од коронавирусот пропишани од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.
Прославата по повод празникот почнува во 17 часот со едночасовна вечерна богослужба во дворот на манастирот, на отворено, а сите присутни ќе мора да стојат на растојание. После вечерната служба ќе продолжи посетата на храмот според превентивните мерки.
На денот на празникот, утре рано изутрина во 2 часот предвидено е да започне бдение кое ќе заврши со Божествена литургија, со која ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан. Во дворот на манастирот ќе се одржи и традиционална крводарителска акција.
Во манастирот ќе се влегува на предната врата, а од таму ќе се излегува на задниот влез. Секој посетител за да влезе ќе мора задолжително да носи маска. Исто така на влезот ќе се мери температура. Верниците и посетителите ќе мора да внимаваат и да одржуваат дистанца од 1,5 метар. Местата за стоење и за правец на движење во манастирот ќе бидат одбележани. На влезот и за време на задржување во манастирот е задолжителна дезинфекија на рацете, како за посетителите така и за оние што ќе бидат задолжени за организацијата на настанот.
Со оглед на законските правила и услови донесени од страна на Комисијата за заразни болести, нема да има служење на храна и пијалаци, како и културно-забавна програма. Предвидена е и надворешна продавница со манастирски производи и сувенири. На денот на празникот во дворот ќе има поставено и маса за осветување на славски колачи.