среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Уставниот суд утре ќе расправа за иницијативите за Законот за игри на среќа и за ковид-протоколите

Уставниот суд утре ќе расправа за иницијативите за Законот за игри на среќа и за ковид-протоколите

Уставниот суд за утре закажа седница на која ќе биде разгледана иницијативата поднесена на член од Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Подносител на иницијативата, како што информираат од Уставен, е Адвокатско друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска, кое смета дека Републиката има воспоставено монопол на електронски и интернет игри на среќа, односно исклучиво право за организирање електронски игри на среќа и интернет игри на среќа. Според наводите во иницијативата со вака пропишаната законска одредба, Републиката ги оневозможува приредувачите на игри на среќа да се стекнат со право да организираат електронски и интернет игри на среќа, а што е спротивно на член 55 од Уставот со кој се предвидува дека слободниот пазар и претприемништвото можат да бидат ограничени со закон само за одбрана на Републиката, природата, животната средина и здравјето на луѓето, а спротивно и на основниот принцип според кој се забрануваат монополи.

Пред судиите ќе се најде и иницијативата за Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID -19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена, поднесена од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК).

Според наводите во иницијативата оспорената Одлука е во спротивност со Законот за заштита на деца и со Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата. Во иницијативата се наведува дека Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца, пропишува дека воспитните групи за деца до две годишна возраст имаат максимум до 15 деца и двајца вработени во смена, а Воспитните групи за деца од две до десет годишна возраст да имаат максимум до 25 деца и двaјца вработени во смена, што било во спротивност со членот 64 од Законот за заштита на деца и членот 27 од горенаведениот колективен договор.

Подносителот смета дека со донесување на оспорената одлука е зголемен бројот на деца во предучилишна возраст од 21 дете на 25 деца и тоа само во големите групи, а не и за групите од 0-2 години. Со оглед дека во конкретниот период немало воена или вонредна состојба, Владата немала можност да носи протоколи во спротивност на постоечкиот Закон за заштита на децата, каде подносителот наведува дека е повреден член 64 од истиот, како и член 27 од Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата.

На дневен ред на утрешната седница е и иницијативата поднесена од Анита Галевски од Битола, која во 2018 година аплицирала на оглас за вработување како фармацефтски техничар при ЈЗУ Клиничка болница Битола и била второрангирана. Според наводите, раководните лица при ЈЗУ Клиничка болница Битола го избрале шесторангираниот кандидат, со што е направена повреда на правата на барателот. Против ваквата одлука, барателката поднела жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, но жалбата е одбиена како неоснована.

Најнови вести