Часот на планетата Земја, најголемата светска еколошка акција, ќе обедини милиони луѓе ширум светот во момент на солидарност за луѓето и за планетата Земја. Одржувајќи се во особено клучен момент во човечката историја, овогодинешната акција ги повикува луѓето од целиот свет да се обединат во момент на размислување за нашиот однос едни со други, но и за нашиот единствен дом – планетата Земја.
Од Сиднејската опера каде што Часот на планетата Земја започна во 2007 година, преку споменикот на Христос Спасителот во Бразил, Колосеумот во Италија и Емпајер Стејт Билдинг во Америка – повеќе атрактивни светски локации ќе потонат во симболичен едночасовен мрак испраќајќи порака за посигурна, позелена и почиста иднина за нас и за идните генерации.
-Часот на планетата Земја 2022 го повикува светот да се обедини во момент на солидарност за луѓето и планетата. Знаеме дека покрај многуте предизвици со кои се соочуваме, особено во овие невидени времиња, 2022 година останува да биде критична година за планетата, нашиот заеднички дом. Оваа година светот ќе се собере за да се направи нов климатски договор, и ова претставува можност еднаш во една деценија лидерите да се договорат за планот за враќање на загубата на природата до 2030 година и изградба на позитивна иднина за природата, изјави Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа – WWF.
Оваа година одбележувањето на Часот на планетата Земја се случува во навистина тешки и предизвикувачки времиња за човештвото. Навистина сме тажни и загрижени поради конфликтот во Украина, и нашите мисли се со народот на Украина и со сите оние кои се засегнати од тековната ситуација.
Сметаме дека сега не е моментот климатските промени да бидат ставени во фокусот, па поради тоа локалната канцеларија на Часот на планетата Земја во Македонија се придружи кон одлуката на голем број земји ширум регионот, Европа и светот, оваа година во знак на поддршка и солидарност на тековната светска криза да не го одржи едночасовното исклучување на осветлувањето и прославата на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја.
-Знаеме дека за да изградиме иднина во хармонија со природата ни треба и мир меѓу луѓето. Затоа, овогодинешниот Час на планетата Земја нуди момент на солидарност со сите народи кои страдаат од војни и конфликти ширум светот; шанса за нашата глобална заедница да го изрази она што им е важно, заеднички да преземеме позитивни активности и да повикаме на свет каде што луѓето и планетата ќе можат да напредуваат заедно, вели Ѓорги Селков, претседател на локалната канцеларија на Часот на планетата Земја во Македонија.
Часот на планетата Земја отсекогаш имал славенички тон и ги повикувал луѓето да учествуваат во обедување за спас на природата и планетата Земја. Оваа година, како одговор на конфликтите во Украина, нашиот тон е сочувствителен, обединувајќи се во глобална солидарност.
-Важно е да се нагласи дека законите на природата се нарушуваат и кога ја уништуваме природата, но и кога ги уништуваме луѓето. Нашето мото е – природата и луѓето, потенцира Селков.
Инаку, својата поддршка кон акцијата ја најавија повеќе од 190 земји ширум светот, меѓу кои и Македонија.
Часот на планетата Земја ќе се одржи оваа сабота, на 26 март, кога во 20:30 часот по локално време милиони луѓе ширум светот симболично ќе го исклучат осветлувањето во период од еден час во момент на солидарност за луѓето и планетата Земја.