Утре во Кривичниот суд почнува судењето за убиството на младиот Пино.
-Ако има правда во Македонија, вистинска правда, верувам дека обвинетата Ангела Ѓорѓиевска ќе биде казнета. Верувам дека нејзината казна нема да биде пример само за во Македонија, туку за цел Балкан, вели за „Слободен печат“ Маја Трпковска, мајка на свирепо убиениот Пино Секондо.
Дваесет и двегодишната скопјанка Ѓорѓиевска е обвинета како соучесник во убиството на тогаш 26-годишниот Секондо, настан кој се случи на 11 декември лани. Таа утре ќе седне на обвинителна клупа, а во судница во Кривичниот суд ќе се соочи со обвинителката во овој предметот Лидија Раичевиќ.
Безмалку една година по убиството, на 5 овој месец, најблиските и пријателите за последен пат се простија од Пино Секондо на Реквиемска Миса во неговата татковина Италија.
Пинета (Пино) Секондо беше исчезнат од 11.12.2018 година, а исчезнувачењето во полиција беше пријавено од мајка му Маја. После повеќе од пет месеци истрага, на 29 април годинава, од страна на непознат граѓанин во полиција беше пријавено дека на место викано Башинец во атарот на скопското село Љуботен е пронајден човечки скелет покриен со камења. На 31 мај годинава, пак, МВР до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Ф.А. (27) и А.Ѓ. (22), двајцата од Скопје, за сторено кривично дело „убиство“.
За брзо време, ОЈО, врз база на доказите од МВР и собраните искази, поднесе обвинение во кое се вели:
„На 11.12.2018 година, обвинетата го повикала оштетениот, сега починатиот Пинета Секондо – Пино, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило „опел аскона“, носејќи со себе пушка. Тој го оставил возило на насипот на Вардар и седнал да управува со автомобилот „шкода“ со кое до насипот дошол оштетениот Секондо. На совозачкото место седнала обвинетата, додека оштетениот седнал на задното седиште. Тројцата се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново и во една нива започнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент осомничениот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо. Обвинетата дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе“.
Додека траеше истрагата, првообвинетиот Али Фуркан избега од родното Скопје. МВР по него распиша меѓународна потерница. Додека трае потрагата по него, медиумите нагодуваа дека тој се крие во земјава или избегал во Косово.
И додека Фуркан е во бегство, а по него трага и Интерпол, утре Ѓорѓиевска ќе седне на обвинителна клупа. Таа во судница во Кривичниот суд ќе се соочи со обвинителката во овој предметот Лидија Раичевиќ. До денес, како што е веќе познато, полицијата и покрај толку обемната истрага не успеа да ја најде пушката со која беше убиен Секондо, ниту пак неговиот бел автомобил „шкода“ кој последен пат го возел дента кога бил убиен.
Извор: Слободен печат