вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Утре свечено ќе биде отворена јубилејната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Утре свечено ќе биде отворена јубилејната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Утре, со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, свечено ќе биде отворена јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје којашто ќе трае до 2 септември. На Школата веќе се пристигнати шеесетина семинаристи од седумнаесет држави, што е најголем број учесници изминативе неколку години. Учествуват семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република, што е уште еден показател за интересот за македонитиката на универзитетските центри ширум светот.

На свеченото отворање на Школата, свечени обраќања ќе имаат претседателот на државата, Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а пригодно обраќање ќе има директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Во рамките на отворањето на Школата ќе се одржи промоција на новите изданија на учебниците за странци – „Тешкото“ (македонски јазик, почетно рамниште) од проф. д-р Симон Саздов, „Лозје“ (македонски јазик, средно рамниште) од доц. д-р Гордана Алексова и „Везилка“ (македонска литература и култура) од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Промоторка на изданијата коишто ќе се користат на јубилејната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а потоа и на странските универзитети ќе биде проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Традицинално, на отворањето ќе биде промовиран и зборникот од предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промотор ќе биде проф. д-р Борче Арсов, долгогодишен лектор на школите на Семинарот.

Семинаристите на Школата ќе следат лекторска настава за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик, и за литература. На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи од УКИМ, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, а ќе биде организирана и преведувачка работилница за сите заинтересирани семинаристи. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на значајни книги, книжевни средби и интерактивни настани. За семинаристите коишто потемелито се интересираат за македонскиот фолклор, на Школата ќе се одржи и курс по македонски ора.

Инаку, ова јубилејно издание на Школата е со најголем број семинаристи – странски македонисти и слависти изминативе години. По неколку години, на Школата, повторно има семинаристи и од САД, Република Кореја и Романија, а по неколку години интерес за учество пројавија и семинаристи од Австрија, Германија и Италија, како и од Универзитетот во Анкара, Турција на којшто се очекува од следната академска година да започне со работа и нов лекторат по македонски јазик. Според бројот на семинаристите, евидентно е зголемување на интересот за македонистиката и во Грција.

Најголем број семинаристи на Школата има од Полска, меѓу коишто се и студенти на  Факултетот за хуманистика во Сосновјец на Шлезискиот универзитет во Катовице, на којшто следната година ќе се одбележат 35 години од отворањето на лекторатот по македонски јазик. Значајно е и што на Школата ќе има семинаристи и од високообразовните центри на коишто следната академска година, исто така ќе се случат значајни јубилеи за македонистиката – Институтот за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз, Франција, на којшто ќе се одбележи половина век од отворањето на лекторатот по македонски јазик и Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека на којшто лекторатот по македонски јазик е отворен пред 15 години.

Најнови вести