среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Утврден буџетот за кампањата за референдум, ќе ја водат Собранието и Владата

Утврден буџетот за кампањата за референдум, ќе ја водат Собранието и Владата

Буџетот за кампањата за претстојниот референдум е веќе утврден и е проектиран на 80 милиони денари кои ќе му бидат ставени на располагање на Собранието на Република Македонија како предлагач на референдумот.

Средствата ќе се обезбедат од тековната буџетска резерва, а доколку на крајот од кампањата има непотрошени средства, тие ќе бидат вратени во Буџетот на Република Македонија.

Вчера, првите луѓе на пратеничките групи на координативната средба кај претседателот на Собранието, на која не присуствуваше само ВМРО-ДПМНЕ, се договорија да се формира Координативно тело за спроведување на референдумот со кое ќе раководи спикерот Талат Џафери, а членови ќе бидат потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

Собранието, како што информираа оттаму, ќе им даде можност на сите пратеници кои се „за“, „против“ или за „бојкот“ на референдумот, пропорционално според изјаснувањето да бидат застапени и да можат да ги изразат своите ставови и аргументи пред јавноста.

Од Владата, пак, вчера информираа дека ќе спроведат процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес преку соопштенија, брифинзи, прес-конференции, интервјуа и ТВ и радио гостувања, како и теренски посети, неформални средби, гостувања и учество на јавни настани. Ќе ги користат и социјалните медиуми како Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Фликр и Јутуб, за што ќе одвојат 400.000 денари од редовниот буџет на Генералниот секретаријат на Владата.

Одлуката за кампања со информативен карактер ја донесе Владата на минатата седница. Со кампањата, граѓаните треба да се информираат за придобивките од влезот на Македонија во Европската Унија и НАТО, за конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство и да се повикаат да го остварат правото на гласање на референдумот и преземање на одговорност за носење важни одлуки. (МИА)

Најнови вести