четврток, 28. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Вашето крадење звучи познато

Вашето крадење звучи познато

Вака-така ја испративме нашата 2019та! Плоштадите до вчера празни и пусти, денес се украсени во ново руво, светкаат и трепкаат затскривајќи го зад себе пустошот што го оставија градските татковци и власта во заминување. Трепетот на светилките ни го насочува внимнието и мислата кон блескавоста на годината што измина. За некои таа беше весела и успешна, но за повеќето од граѓаните беше сиромашна, неуспешна, разочарувачка…

Последните денови од 2019-та беа одбележани со вестите за зголемувања кои се слушаа од сите страни, а нивното ехо продолжува и во новата 2020та. Зголемувања на плати, зголемување на број на вработени, зголемувања на пензии, нови инвестиции, нови фабрики…Иако вести од овој тип не читавме многу често, најискрено…се радувам.

Но, ми засмета тоа што после неколку години чекање, властите одлучиле да започнат со зголемувања на сè што постои, сосема случајно, токму пред почетокот на изборната кампања.

Сега сме на почеток од парламентарни избори и чисто за споредба, за момент подзастанав за да се присетам на деновите пред локалните избори. Во моментот низ глава ми поминаа вестите од нашите општини – асфалтирања, санации, поправки, изградби – доградби и што ли уште не…и тоа, за чудо, сè во последниот месец или два пред избори!

Како што си ја личи работата, составен дел на тие инфраструктурни зафати тогаш, а мегаломански ветувања денес, се фотоапаратите, камерите, новинарите и широко отворените усти на претставниците на власта без кои чиниш ниту работниците, ниту машините не би можеле да започнат со работа.

Со оглед на фактот дека како народ, веќе сме го магистрирале и докторирале овој најпримитивен вид на предизборен политички маркетинг, одлучив во оваа колумна да ги демаскирам понижувачките обиди за манипулација и да ù укажам на моменталната, но и на секоја наредна власт, дека политичката свест на граѓаните ги надминува ваквите евтини популистички трикови. Зошто?

Оној што рационално размислува многу тешко, речиси невозможно, е да поверува во тоа дека токму сега се обезбедени пари за сите овие ветувања кои се даваат денес. Нема сомнеж дека ако не сите, барем дел од нив можеле да се завршат порано.

Кога интересот на граѓаните би бил на прво место, нивните проблеми би се решавале во континуитет и не би морале да чекаат да чукне последниот час, да се најави предизборната кампања, да пристигнат камерите и новинарите. Всушност, буџетските средства им припаѓаат на граѓаните, а власта не е ништо друго, освен сервис кој е должен со тие средства да располага во најдобар интерес на сите.

Власта која не го познава овој факт и која со обезбедувањето на елементарните услови за живот во последен момент, божем ги „наградува“, како да ги финансира од сопствен џеб, или има елементарно непознавање на политичките процеси или свесно манипулира.

Конкретно, што се однесува на „предизборните“ работи, ми се чини дека нивниот интензитет е обратно пропорционален на резултатите кои властите ги оставиле зад себе. Со други зборови, успешната и одговорната власт која ја заслужила довербата од граѓаните не би имала потреба со нивни пари да „ги наградува“, собирајќи при тоа политички поени во последен час.

Оној кој се служи со оваа техника очигледно е свесен дека ништо не работел за време на мандатот. Затоа, нему граѓаните ќе му речат: Твоите лаги звучат познато!

Сепак, за да не го расипувам предновогодишното расположение, одлучив да оставам некаков белег за власта во заминување, па затоа ќе ги набројам нејзините најголеми УСПЕСИ и ВЕТУВАЊА:

– Најголем УСПЕХ е остварен на полето на иселувањето на цели семејства од „перспективните градови“ кои ги создадоа. Колку работни места се изгубени, колку претприемачи се уништени, колку семејства се во безизлезна ситуација…немам точна бројка, но знам дека се многу. УСПЕХОТ на ова поле е толку завиден што не ни требаат оние со дипломи и знаења – доволни ни се послушниците. Секоја чест за таквата власт!;

– УСПЕХ е и што цела Македонија заостанува и на економски и на демографски и на секој друг начин;

– Додека гробиштата на пропаднатите фабрики ги посетуваат само духовите од некогашните вработени, голем УСПЕХ се ветувањата за изградба на нови фабрики за илјадници работници. Таква ќе беше и Фолксваген, но потоа следуваше онаа познатата „Мало сутра“;

– За поздравување е и УСПЕШНОТО откритие дека трасата на автопатот Кичево-Охрид не била крива, а и рамниот данок бил подобар;

– И повторно, по којзнае кој пат, УСПЕШНО се ветуваат катни гаражи, детски градинки, домови за стари лица, спортски сали…Дури и чист воздух беше ветен. Ветено, но реализацијата мора да причека;

– УСПЕХ и надеж беше и ветувањето дека ќе ги вратат парите кај граѓаните и навистина видовме дека парите беа ставени во Луј Витон торбите, но за чудо, не стигнаа до граѓаните. Сигурно е предолг правиот пат кој парите мора да го изодат за да стигнат до граѓаните. Којзнае…

– За сечија пофалба е, секако, и УСПЕХОТ ниту еднаш да не се спомне зборот капитален проект, но затоа и најмалите дечиња го научија значењето на новиот израз – Репрезентации, затоа што локалните функционери УСПЕАЈА да не штедат ниту онаму каде што може да се заштеди и тој износ за хранење на функционерите по ресторани УСПЕА да го надмине износот потрошен за изградба на пример, на народни кујни или помош на социјално загрозени граѓани…;

– Во свои УСПЕСИ го вброија и фактот дека дадоа пари за општините, но не за развој, туку за да не останат со блокирани сметки и да можат да исплаќаат плати. Избори се ближат и секој глас е вреден за секоја плата! Зошто не ни кажат колку дополнително се задолжија општините и колку должат по сите основи? За волја на вистината нашиот буџет многу повеќе служи за плаќање на певалки, отколку за реални потреби и тоа е вистинската слика на нашите локални финансии;

– За кратко време УСПЕАЈА општините и администрацијата да ги претворат во партиски плен од кого најгласните кучиња лаат по неистомислениците. До вчера локални пропалици, сега благодарение на оваа власт милионери со богатство кое не можеле ни да го сонуваат. Голем УСПЕХ, нели?

– Не смее да се занемари ниту фактот дека нема ПОУСПЕШНА власт од оваа и во сокривањето на трагите на незаконитоста;

– Неодамна соопштија и дека нивна главна цел е да се создадат нови работни места, младите да студираат и да работат овде и да станеме земја во која вреди да се живее. Браво, секоја чест! Зошто тогаш средија деца да им се усовршуваат по белосветските универзитети со нашите пари?

– УСПЕХ е и што грдни милиони плативме за новогодишната ноќ, додека сиромаштијата собира по денар за болните деца!
Овде ќе прекинам со набројување на успесите. Ова погоре е само мал преглед на успесите и ветувањата, а колкав е успехот, колку е реализирано, а колку украдено….знаете и сами!

И ако сакаме да ги сумираме резултатите, можеме слободно да се пофалиме дека освен бесмртност, сè останато ни е ВЕЌЕ ВЕТЕНО, па со мирна совест можеме УСПЕШНО да им врачиме златен медал за ВЕТУВАЊА.

Немоќни да ги решат бројните проблеми кои сами си ги создадоа, од дадените ВЕТУВАЊА се бранат со нови ВЕТУВАЊА, за да си обезбедат мандат за нови УСПЕСИ (читај нови крадења).

А народот?! Народот нема никакви дилеми за тоа дека оваа власт треба да замине затоа што е поголема катастрофа од најголемите катастрофи кои воопшто нè снашле.

Народот едно ќе им каже, а тоа е: Вашето крадење ни звучи познато!

Лидија Петкоска

Најнови вести