Во скопскиот Кривичниот суд денеска продолжи судењето за случајот „Титаник“.
Според адвокатот на обвинетите Петар Василев, во овој предмет постои еклатантно кршење на правата на одбраната како и голем број на процедурални грешки од страна на судот.
Василев вели дека во членот 304 став 1 јасно се вели оти јавниот обвинител ќе ја запре истражната постапка ако има застареност на предметот или постои изречна амнестија или помилување. Според ова, доколку законите се почитуваа и се применува правно, а не политички, тогаш истражната постапка по лицата врз кои е изречено помилување мора веднаш да биде запрена.
Откако одбраната на обвинетите денеска побара судот да ги отфрли обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство повикувајќи се на аболицијата на Иванов, претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев одговори дека судот прво ќе провери дали Иванов имал право да ги ослободи осомничените и на кој член се повикува неговата одлука и дали таа е прaвосилна.
Бранителот Василев ваквата изјава на Џолев ја окактеризира како вршење на притисок врз судечкиот совет кој постапува по овој предмет, нагласувајќи дека тој како претседател нема надлежност за увид во судските предмети.
-Како претседател на судот тој нема увид во судските предмети. Ниту на било каков начин а посебно не со вакви изјави не би требало и не смее да врши притисок директно врз судечките совет кој што постапуваат по овие предмети. Тој со неговата функција нема такви надлежности и ме зачудува својството кое што си го придава за да може да коментира и да дава ставови во врска со ова прашање, рече Василев во Вестите на Телевизија Сител.
Вели дека македонските судови треба да постапуваат согласно со Европското право како што постапил Врховниот суд во Атина. Тој како неточни ги отфрли гласините дека грчкиот министер во правда може да ја отфрли судската одлука Горан Груевски и Никола Бошковски да не бидат екстрадирани во Македонија.
-Врховниот суд е највисоката инстанца во Република Грција. Таа е конечна и гласините низ медиумите што ги слушнавме дека имало можност министерот за правда оваа одлука да ја оспори, да ја преиначи или на било каков начин да влијае на нејзе е неиздржана и нема поткрепа во законот. Со оглед дека тоа би било директно мешање на извршната власт во судската власт која што во една демократска држава е недозволено а и ниту еден правен систем такво нешто не познава, вели Василев.