Целото решение за одредување мерка притвор е донесено врз база на претпоставки, господинот Мијалков нема никаква поврзаност со трансакцијата за „Диамед“ ниту пак со износот од 11 милони евра кој што се споменува. Само поради такви претпоставки во услови на почитување на сите досега изречени мерки, одбраната смета дека нема никаков основ за определување на мерката притвор, изјави Петар Василев, еден од адвокитите на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Адвокатскиот тим на Мијалков исто така смета дека одлуката за притвор е донесена спротивно на законот поради уште една причина, а тоа е дека решението е донесено во постапка без да може обвинетиот да се прозинесе по таквиот предлог.
„Притворот е определен спротивно на законот, пред се поради тоа што решението е донесено во постапка без да може истиот да се прозинесе по таквиот предлог односно спротивно на начелото на контрадикторност во кривичната постапка за што впрочем имаме и судска пракса од Европскиот суд за човекови права. Секогаш кога се преиначува построга мерка, судот е должен да го покани обвинетиот да се произнесе по предлогот за определување мерки“, рече Василев.
Во однос на јавната седница на Апелациониот суд каде треба да биде образложено барањето за укинување на притворот за Мијалков, адвокатите на поранешниот директор на УБК велат дека е чудно тоа што седницата се уште не е закажана, со оглед на тоа дека поминале 8 дена од кога е поднесено барањето, а законскиот рок за закажување на седницата е 3 дена.
„Чекаме покана од Апелациониот суд за одржување на јавна седница, се надеваме дека ќе биде што поскоро бидејќи поминаа веќе 7-8 дена, а законскиот рок за закажување на јавна седница по жалбата на одбраната е во рок од 3 дена. Малку е и чудно што досега се одолговлекува“, рече Василев.
Во вторникот минатата недела поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков по барање на Специјалното јавно обвинителство, а по одлука на Основниот суд Скопје 1 Скопје беше приведен во хотелот Мериот и спроведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари. Мерката притвор е определена за случајот Таргет-тврдина со образложение дека Мијалков планирал бегство надвор од државата.