Концептот на тоталитаризам и масовна хистерија на владејачкото мнозинство се повторува во својот највидлив облик преку линчот и дискредитацијата на нашиот колега пратеникот Фадил Зендели, порача пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска од собраниската говорница во македонското собрание.
Според Василевска единствен интерес на владејачкото мнозинство е профитот, личниот и тесно партискиот интерес, а не граѓаните и демократијата.
Нула демократија, нула почитување на Уставот, нула за граѓаните, нула за иднината на Република Македонија, единствено профитот, личните и тесно партиските интереси им се милиони, милијарди, алчност и безредие до бесконечност, истакна таа.
Василевска е децидна дека ова што го прави владејачкото мнозинство е всушност пазар за спасување на нивните тесни кожички на големите риби.
-Ова насиелие, ова заобиколување на правилата ни говори дека кризата во рамките на тесното парламентарно мнозинство повеќе не може да се сокрие, потребна им е евакуација, гаранции и над се неопходно им е да инсталираат што е можно повеќе свои пиони низ сите артерии во јавната администрација и на тој начин тотално да ги узурпираат политичкиот систем и сите витални органи на државата. Само на тој начин големите риби ќе најдат малку мир за да купат време за тогаш кога ќе дојде време за евалуација на нивното работење и преку отежнувањето на процесот тие всушност од вчера работата на идниот пазар за спасување на нивните тесни кожички, потенцираше Василевска.
Принципи нема, а не станува збор ни за некаков морал, ниту за спроведување на некакви правила. Вие сте одговорни и директни креатори на овој организиран хаос во кој се наоѓа македонското собрание и ваквото деловничко насилие и изразено самовоиле говори за тоталната партизација и непрофесионалноста со која се одликува оваа гарнитура во сите сфери од општественото живеење. И сето тоа не е во никаков државен интерес на граѓаните на Република Македонија. Сето ова е само да се измести нормалноста и да се воведе неохистеријата, заклучи Василевска.