Ден за ден, месец за месец, пророчки одзвонуваат мислите на Шо. Без да звучи како клише, нема сомнеж дека: (цит) „Не е вистина дека власта ги расипува луѓето. Вистина е дека ако будалите дојдат до власт, тие ја расипувааат власта! “
Вака ја започнува својата колумна објавена во „Вечер“ универзитетскиот професор Иванка Василевска.
-И колку да сакаат да нè разубедат во спротивното, неинвентивноста, лагите, плиткоумните чекори на власта, сѐ посилно ја изразуваат неопходноста од уште поголеми манипулации и притисок врз македонските граѓани. Аферите, мрзеливоста, а и особено забележителната сервилност кон центрите на моќ, алармираат дека надуваниот балон е пред комплетно распрснување и дека минути, а можеби и секунди не делат од тоталниот системски колапс. Ветувањата за подобар живот на македонските граѓани, станаа мртво слово на хартијата, а узрупаторот и неговата свита сеуште не стасаа да не почестат со својот последен смртоносен маневар. Бранот на надежта со кој се облекуваа и соблекуваа, ветувајќи просперитет и среќа, станаа сивило кое иако мириса на зелената банкнота, од далеку зрачи со својот сталинистички метод на дејствување. Навреда на сетилата, понижување на разумот и тотално замрачување на умот им беше потребно на сите оние кои веруваа дека оваа промена ќе и донесе нешто добро на Република Македонија. Освен бескрупулозното богатење на новата провинциска елита и дозакопувањето на судскиот систем, оваа Легија одлучи да оди уште подалеку и сите оние кои не ја испивме нејзината загадена вода, истата самоволно одлучи да не прогласи за виновни и да не декласира како небитни сите кои ќе се осмелиме да ја разобличиме нејзината подла цел. Зомбирано мантрајќи со европерспективите и други нејасни визии кои аудиториумот никако не може ниту да ги извлече од рафтовите на домашните библиотеки, ниту пак да ги послужи како оброк пред своите гладни семејства, продавајќи ветар и магла, самата ги изброја отчукувањата на нејзиниот животен циклус, анализира таа.
Во колумната таа пишува:
„Но, ова е веќе познато и секое дополнување ќе го оптерети веќе и онака измачениот ум на македонските граѓани кои покажаа дека знаат колкаво е значењето на ослободувањето од стравот и спротивставувањето на злото. Иако, и таа претстава се уверивме дека не била сосема јасно прикажана и дека е реска линијата помеѓу вистината и лагата. И токму тука, во таа макро секунда надоаѓа силниот ураган на спротивставувањето и на конечниот Суд. Тоа е оној, кој е сочинет од безимените, истоштени и понижени македонски граѓани, кои изневерената доверба и попустливост кон правните рамки, ќе ги преточи во казна кон оние кои си поиграа со судбината на Македонскиот народ и Македонската држава.
Токму тука, во кулминацијата на Самракот, паралелно се случува уште еден процес кој скришум грицка од здравото ткиво во патриотскиот блок. Облечени во национално руво, со усти полни фрази, кроце по кроце се уфрлаат во десното крило, создавајќи привид на транспарентност и цврст национален фронт за одбрана на изгубеното достоинство. Играјќи на картата дека секое врапче има свое гранче, во сетот во кој немаат што да загубат, бидејќи не вложиле ништо, истите невешто се обидуваат да се прикажат како новите месии кои ќе го променат системот и ќе направат… па, добро, ќе направат нешто, а што?! – Е тоа ќе го видиме кога ќе ја освојат власта!
Токму овие, добро познати „естрадни патриоти“ се онаа алатка на актуелната власт која немоќна да допре до аудиториумот кој ѝ рече изрично Не! – стапуваат на сцената, користејќи се со излитена фразеологија која треба да наликува на вистина и да одработи контра единствениот легитимен бастион за одбрана на македонското национално достоинство, титанот кој ги преживеа сите бури и исплива низ иглени уши, погроми и внатрешни удари, ВМРО-ДПМНЕ. Целта тука, не е соборување на злото, туку што посилно разнишување на десницата, со што планот за дестабилизација на Република Македонија би станал повозможен, за сметка на суетите и безвредните политички амбиции на овие интелектуални дивоградби.
Во оваа игра, на ништо или сѐ, добро организираното резервно сценарио на власта е преку овие марионети да си обезбеди извесна сигурност со која ќе го пролонгира неопходниот ресет на институциите на системот и обезбедувањето на правда. Токму затоа, за нештата да не останат недоречени, во периодот кој следува ќе треба сериозно да ги изостриме сетилата, како би биле во можност да ја намирисаме реата на злото. Истиот ќе доаѓа од добро етаблирани „фриленсери“ и разно разни гротескни ликови, кои ќе блујат инструирани фрази од типот: „сите се исти“, „злосторничко здружување на десницата со левицата“, „слуги на Западот“ и така натаму. Истите ќе се повикуваат на своето историско минато со ВМРО-ДПМНЕ и ќе бараат легитимитет од нашето членство со уверување дека тие се веродостојниот извор на разрешување на сите неволји кои не нападнаа и во истовреме дека токму тие и само тие се лекот за оваа гангренозна состојба во целокупното македонско општество.
Но, вистината е дека истите не се ништо друго освен најобични пиуни кои имаат задача да одработат сѐ со цел да ја изгубиме единствената шанса да ја повратиме националната гордост и да го зачуваме унитарниот карактер на македонската држава, заедно со битката за зачувувањето на нашето уставно име, Република Македонија“.
ИЗВОР: ВЕЧЕР