„Одговорно тврдам дека нема вмешано политичари во случајот“- рече државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали се точни наводите дека во исказите се споменати и високи функционери на власта, вклучително и Зоран Заев. Рече Јовевски и излажа, пишува порталот Инфомакс.
Излажа и Зоран Заев кој пак се закануваше со тужби против уредникот на Инфомакс. Излажа и обвинителката Вилма Русковска, која тврдеше дека записниците, односно содржината од записниците кои ги објавив не биле точни, односно само делумно се точни.
Лажеше и Фросина Ременски. Која иронија, лажеше па дури со нејзиниот сопруг бараа да им се извинам затоа што сум им ги објавил имињата како дел од записник на пријавител во случајот „Рекет“. А, денес гледаме биле вмешани. Ременски дури доби и статус на осомничена.
Лажеше и МНР Никола Димитров, кој прво тврдеше дека никаде не бил споменат и дека воопшто не знаел за случајот уште пред да започне истрагата. Вистината е дека тој знаел неколку месеци претходно, откако нерезидентен амбасадор на земја членка на ЕУ го предупредила Димитров дека се случува рекетарска шема. И не само тоа, Димитров потоа ретерираше од изјавата дека „не знаел“, па објаснуваше дека тој знаел но не бил запознаен со целиот случај. Како и да е, и Димитров лажел.
Лажеше и министерот Дамјан Манчевски, кој тврдеше дека немаме импресум и дека сме фантомски медиум. Напротив, имаме импресум и сме регистрирана компанија која делува речиси 10 години на Македонскиот пазар.
Радмила Шекеринска испадна најмудра, не се подаде со ниту една изјава која би можела да ја внесе во спиралата на докажување, знаејќи дека ќе мора да лаже за нејзината вечера со Боки и Катица на денот кога шефицата на СЈО и шефот на 1ТВ земале 1.5 милиони евра од Камчев.
Лажеше и Горан Сугаревски кој во август месец, по објавувањето на содржината на записниците од исказите рече дека „според наши сознанија нема вмешани функционери на СДСМ во овие случаи“.
Но највеќе лажеше Зоран Заев. Неколкупати тврдеше дека не се познавал со Кичеец. Потоа испадна дека често се гледале со човекот во неговиот кабинет, наводно за да дискутираат за инвестиција во рудници. Потоа лажеше дека не се познавал со Бојан Јовановски, испадна дека не само што се познавале, Заев бил и кај него дома во Орман – барем според исказите на сведоците.
Зоран Заев се уште лаже дека тој не ги предупредил рекетарите дека е започната истрага против нив по пријава на Орце Камчев. Дотолку повеќе, Зоран Заев лажеше дека тој го пријавил случајот, за што нема ниту една службена белешка во обвинителство.
Зоран Заев се уште не ми одговори зошто на 25.04.2019 биле исклучени камерите во Владата. Со кого се сретнал?, прашува уредникот на Инфомакс и додава:
„Но еве и уште едно прашање за премиерот, знае ли шефот на владата дека целиот случај не го снимале само жртвите на „Рекет“? Знае ли дека снимале и две странски служби?
Тие дури и се закануваа дека ќе ме тужат, дека јас и „Инфомакс“ сме ширеле лажни вести, дека ние сме работеле во нечии странски интереси.
За сите овие лаги и обвинувања на сметка на „Инфомакс“ и мене како главен и одговорен уредник, за сите навреди и клевети дека сме ширеле „лажни вести“, Заев и сите погореспоменати ќе добијат соодветни тужби.
Само едно ќе додадам за крај, ве снимале“.