Големиот празник Митровден се празнува на 8-ми ноември. Именден празнуваат Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра..
На денот на славата се дава ручек на кој се служат мрсни јадења, освен ако празникот падне во ден кога се пости.
За овој ден постои верување. Во очи на празникот Митровден, значи вечерва, секој треба да биде во својата куќа, бидејќи ако не биде дома, тој цела година ќе преноќува по туѓи куќи.
Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор. Се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој момент да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека лоша среќа е ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник.
Затоа за Митровден исто така се верува дека претскажува каква ќе биде зимата. Ако денот е сончев, наводно зимата ќе биде блага, со исклучително малку студени денови. Ако на Митровден падне снег, се верува дека снегот ќе се задржи до април.
Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле или биле безобразни, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.
Освен вообичаениот обичај на носење леб и вино в црква (каде се осветува лебот), празникот се одбележува во семејството и за него не се поврзани некои посебни обичаи или обреди. Вечерта пред празникот се прави „заслуг“ (од заслужување) или „кана“ (од канење), при што поблиските се канат со лепче или со некој друг предмет.