понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ВЕЧНА СЛАВА: Три години од смртта на Ванчо Петрушевски

ВЕЧНА СЛАВА: Три години од смртта на Ванчо Петрушевски

Пред три години на денешен ден, 25 август, од струен удар во скопското село Орешани на 67-годишна возраст почина доајенот на македонското глумиште Ванчо Петрушевски. Дипломирал на Отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје во 1975 година.

Оттогаш како актер работи во Драмскиот театар во Скопје, сè до неговото пензионирање во 2017-та година.

Ванчо Петрушевски беше активен на повеќе полиња и надвор од театарот, како водител на кулинарско шоу, снимаше филмови, а негова пасија беше и сликарството.

Тој е еден од творците на серијата Македонски народни приказни. Многу генерации го препознаваат по ликот на Рамче. Воедно е и еден од првите Македонци кои настапиле во странски филм. Кај нас го снимил филмот Досие КА по негово сценарио и продуцентство, а истовремено ја толкувал и главната улога.

Селективниот репертоар на сцената на Драмскиот театар во кој настапува, покрај многу други, се: Ослободувањето на Скопје, Солунски патрдии, Панургиј, Чудото на свети Ѓорѓија, Сомнително лице, Мачорот Мики Траси и Џингин Кан, Полнета птица, Дупло дно, Коприварник, Ноќ спроти Водици, Собирен центар, Чија си, Женски оркестар, Грев или шприцер, Харем, Маратонците го трчаат почесниот круг, Зоолошка приказна, Сега му е мајката, Вујко Вања, Словенскиот ковчег, Платонов, Земјомерот, Сонот на летната ноќ, Тетовирани души, Марисол, Хамлет од Долно Гаштани, Македонски рулет, Лебедова песна, Баал, Живот во тесни чевли, Буре барут, Атена со пенис од Александар Русјаков, режисер Синиша Евтимов. Ванчо Петрушевски настапувал на сцените на Македонскиот народен театар, народните театри во Штип и Велес…

Добитник е наградите „Димче Трајковски“ за улогата Јаков во претставата „Дупло дно“ (1985 година за актерско остварување на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Јанко во претставата „Собирен центар“ (1989 год.).

Во 1987 година, Ванчо Петрушевски го доби признанието за најпопуларно ТВ лице на годината според гласовите на читателите на весникот „Вечер“, а во 1988 година, според анкетата на ревијата „Екран“ е добитник на наградата „Најдобро артистичко остварување во филмот и на телевизијата.

Петрушевски е роден на 19 април 1951 година, во Скопје.

Најнови вести