Македонската културата ја живее својата трагедија. Тоа што владата на СДСМ го прави со Годишната програма за работа во културата за 2019 година е срам, а постои сериозен сомнеж и за криминал, обвинува Роберт Вељановски.
-Поделбата во македонското општество предизвикана од погубните политики на Заев од ден на ден е се поголема. Годишната програма на Министерството за култура е само уште еден експлицитен пример за поделбата во македонското општество по етничка и партиска линија. Поделба на наши и ваши, на подобни и неподобни. Блискоста до Заев и неговите гавази стана единствен критериум за добивање на буџетски средства. Медиумите веќе објавија дека фирмата „Меденица“ ДООЕЛ увоз – извоз Скопје, од министерството за култура доби неверојатни 1,7 милиони денари. Фирмата „Меденица“ ДООЕЛ увоз – извоз Скопје била формирана на 27-ми септември, неколку дена пред да биде распишан конкурсот на министерството. Само овој податокот е доволен за основан сомнеж за манипулација со буџетските средства. Дали е точно дека лани во август само еден месец пред да биде објавен конкурсот формирано е и здружението „Оп-лека“ од Тетово кое за манифестацијата „Тетово пее“ доби 100 илјади денари? Дали е точно дека „Елите евентс“ од Тетово доби 400 илјади денари, но ваква фирма или здружение не може да се најде во Централниот регистар? Дали е точно дека „Зери Дарданис“ од Тетово кое доби 100 илјади денари од министерството е формирано во мај месец минатата година, четири месеци пред распишувањето на конкурсот, прашува тој.
Вељановски порачува дека парите на граѓаните и буџетската сметка на Република Македонија се третирани како лична партиска сметка на СДСМ која служи за исплата на долговите на Заев кон неговите доверители, најзаслужните за неговото доаѓање на власт.
-Реномирани уметници, институции и фестивали со огромно влијание во македонската култура се заборавени од државата, дискриминирани со цел исплата на концесиите на Зоран Заев. Колку за пример на Националната установа Турски театар – Скопје и е одобрен само еден единствен проект. Почитувани, СДСМ се откажа од македонското име, македонскиот јазик, идентитет и историја, а на ред е македонската култура која изминативе две и пол години, откако Заев седна во премиерската фотелја, е целосно девастирана. Дали за да се комплетира сликата за антимакедонските политики на Заев, по идентитетскиот геноцид, следува нов културен геноцид на македонскиот народ?! Одговорност мора да има! ВМРО-ДПМНЕ го повикува министерот за култура во Владата на Зоран Заев, г-динот Асаф Адеми да понесе неотповиклива оставка. ВМРО-ДПМНЕ бара и итно и неодложно повлекување на целата Годишна програма за работа во културата за 2019 година. Исто така ВМРО-ДПМНЕ го повикува Социјалдемократскиот сојуз да се охрабри и да излезе на избори, за да утврди дали граѓаните се согласуваат со политиките кои што ги промовира, порача тој.