„Добро е што денеска министерот за транспорт, господинот Бочварски се охрабри да присуствува на пленарна седница на која што како точка на Дневен ред имаме еден од петте закони кои што се предложени од страна на Владата избегнувајќи ги сите деловнички процедури спротивно на Уставот и на законите. Добро е што има можност да се соочи со фактите и аргументите кои што говорат дека ваквиот начин на носење на закони кои што имплицираат огромни финансиски импликации, во случајов повеќе од една милијарда и 300 милиони евра, не смеат да се носат на ваков начин особено не со избегнува на матичните работни тела и лепење на европско знаменце“, истакна Александар Велјановски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Велјановски посочи дека со лепење на европско знаменце на некој закон значи кратење на процедури и тоа значи законите ќе се носат по скратена постапка.
„Имаме класично кршење на Деловникот поточно на членот 135 затоа што кога се поднесува закон кој што треба да се усогласи со европските регулативи потребно е да се наведе изворниот акт на ЕУ со полн назив како и да постои изјава за усогласеност. Исто така потребно е и јасно наведување на правниот акт на кој се однесува извршеното усогласување. А, тоа го немаме во предложените закони, имаме празни коренсподентни табели без ниту еден збор напишан во нив“, рече пратеникот.
Тој посочи дека министерот за транспорт пред неколку дена се обиде да се испере од одговорноста и да докаже дека коридорите 8 и 10Д се дел од европската мрежа. Но, на министерот му беше неуспешен обидот бидејќи беше демантиран од медиумите и експертската јавност.
„Ние бараме од Владата јавно да го објави договорот кој што граѓаните имаат право да го видат и да бидат сведоци на неговата содржина односно на обврските кои што ги преземаме како држава“, побара пратеникот.
Велјановски укажа дека национален интерес е да се почитуваат одлуките на Уставниот суд.