Ветувањата паднаа во вода. Иако се најавуваше дека до крај на месец мај, односно најдоцна до денес, ќе биде пуштен за сообраќај автопатот Миладиновци- Штип, сепак тоа не се случи.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во вторникот убедуваше дека автопатот Миладиновци-Штип ќе биде отворен во текот на неделава.
-Не би сакал да шпекулирам кој ден ќе биде пуштен во сообраќај, но до четврток, петок, ќе биде пуштен, рече Сугарески одговарајќи на новинарско прашање.
Но, ништо од ветувањето и убедувањето- на автопатот сè уште се работи, а возачите се нестрпливи и нервозни, дел од нив веќе и возат по него.
На социјалните мрежи, пак, бројни се коментарите, кои преминуваат во иронија- дали се чека слободна музика, прашуваат возачите со потсмев.
Според изјавите на надлежните градежните работи биле завршени уште во декември лани, на три места ќе има сообраќаен режим бидејќи ќе се градат пристапните патишта до околните места кои не биле во проектот. Исто така, преку тендер во тек е избор на изведувач и за други позиции на трасата кои се неопходни, а не биле предвидени со проектот, како што се на пример погрешно изведените сливници. Во моментов се поставува заштитната ограда покрај патот, а летово ќе се градат двете предвидени патарини.
Овој автопат долг 48 километри, по кој од главниот град до Штип ќе се стигнува за околу 45 минути почна да се гради во 2014 година со најава дека ќе биде готов до мај 2017 година. Но, тогаш беа завршени градежните работи на половина од патот, па пуштањето е најавувано и откажувано уште неколку пати.