До Агенцијата за електронски комуникации најчесто пристигнуваат приговори за високи сметки или за квалитетот на услугите, а 50 проценти имаат позитивен исход. На сметка на зголемениот број приговори до АЕК, намален е притисокот со приговори до Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).
Со цел зголемување на нивото на информираност на потрошувачите за квалитетот на телекомуникациските услуги и приговорите, ОПМ денеска организираше работна средба во соработка со АЕК и Секторот за заштита на потрошувачите при Министерството за економија, со учество на субјектите на пазарот на електронските комуникации.
Учесниците дебатираа за јавните услуги и потрошувачкиот приговор согледани преку Законот за заштита на потрошувачите, како и постапката за решавање потрошувачки спор и едукацијата на потрошувачите преку промотивна кампања од аспект на Законот за електронски комуникации.
Според Рената Аиновска Талевска од АЕК, корисниците знаат по кој основ може да приговараат до АЕК, што пак резултира со позитивен исход.
– Корисниците на телекомуникациски услуги најчесто доаѓаат и приговараат за висока смета или за квалитетот на услугата. Добрата околност е што со нашето работење на промотивните кампањи корисниците знаат со кои причини може да приговараат пред Агенцијата и заради тоа имаме голем процент на позитивни приговори, односно повеќе од 50 проценти ги решаваме позитивно, изјави Аиновска Талевска.
Марија Лончар Велкова, претседател на ОПМ, истакна дека ги анализираат и согледуваат проблемите на потрошувачите во делот на електронските комуникации.
– Се направи анализа за електронските комуникации, проблемите на потрошувачите, новиот Закон за потрошувачи кој предвидува потрошувачки приговор, каков е приговорот што веќе се доставува до трговците даватели на електронски комуникациски услуги, какви се таму приговорите, каков е сегашниот предвиден приговор со Законот кај даватели за јавни услуги, рокот…, изјави Лончар Велкова.
Се прави споредба на постапките за приговор предвидени со новиот Закон за заштита на потрошувачи и со Законот за електронски комуникации.
– АЕК како регулатор си има свои постапки и процедури кои се добри. Сметам дека со нивната работа фактички е намален притисокот на работа со нивните приговори во ОПМ, секако и во Државниот пазарен инспекторат во поглед на техничките производи кои се купени. Овој сегмент сега најдобро го решава регулаторот и ние на некој начин не сме толку оптоварени со вакви проблеми, рече Лончар Велкова.
Работната средба е дел од активностите предвидени во Програмата за заштита на потрошувачите на Владата за 2022 година, која досега беше со временска рамка од две години, а со новиот Закон за заштита на потрошувачите ќе биде едногодишна.