Професори и директори на училишта вршат притисоци врз матурантите кои ја бојкотираат наставата, се жалат средношколците.
До редакцијата на Прес24 пристигнаа фотографии од комуникација меѓу професори и ученици во која се бара матурантите да се вклучат на часовите.
„Досега имате 21 оправдан или неоправдан од тоа како ќе одлучите вие“, „Дечки ќе ве отстранат од школото, ВКЛУЧЕТЕ СЕ, не ставате класните во непријатна ситуација“ – се дел од пораките кои матурантите ги добиле од страна на професорите за бојкотот на наставата.
И покрај притисоците матурантите го продолжуваат бојкотот. Наставата се бојкотира во 13 средни училишта во Скопје, како и во повеќе градови, како што се Тетово, Куманово, Гостивар, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Битола, Прилеп, Крива Паланка, Свети Николе, Берово, Пехчево, Виница и Радовиш.
Според претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, матуранти од три града се постојано под притисо од страна на училиштата.
-Од тоа што матурантите имаат испратено до Сојузот на средношколци знаеме дека има притисоци во Медицинското школо во Штип од страна на директорката. Исто така, се врши голем притисок во гимназиите во Битола преку родителските средби, но и во Куманово, во гимназијата „Гоце Делчев“, вели претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи за Прес24.