Владата не го коментира вчерашниот потег на пратеникот Ејуп Алими од ДУИ кој на прес-конференција во македонското Собрание говореше само на албански јазик.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска на редовната прес-конференција во Владата рече дека како Влада не би можеле да ги коментираат настапите на одредени политички субјекти и да им укажуват како тие да ги пласираат нивните информации до јавноста.
– Информациите кои се пласираат на прес-конференции се информации кои се од важност за граѓаните. Владата не би можела да укажува на дадени политички субјекти или на било кои организации на граѓани на кој начин тие чувствуваат потреба да ги пренесат нивните информации за кои сметаат дека јавноста треба да знае. Она што можеме да кажеме е дека како Владата секогаш сме обезбедувале преведувач и функционираме по принципот што го промовираме на едно општество за кое имплементацијата на Законот за јазиците само ќе биде комплементарна додадена вредност во интерес на сите граѓани во Македонија, рече Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање.
Алими вчера во македонското Собрание одби да одговара на македонски јазик на прашањата на новинарите.