Северна Македонија е на линија за постигнување сто проценти усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Европската унија во однос на пакетот санкции на ЕУ којшто се најавува против Русија, потврди владиниот портпарол Душко Арсовски.
-Владата дополнително ќе расправа и ќе одлучи. За ова јавноста ќе биде информирана, рече Арсовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Прашан дали земјава е подготвена да прими бегалци од Украина доколку избие воен конфликт со Русија, владиниот портпарол потенцира дека земјава во повеќе наврати покажа отворено срце, подготвеност и помагаше во вакви и слични ситуации.
-Владата ќе понуди помош и во случај на ескалација во Украина. Сите напори се во насока тоа да не се случи. Денеска премиерот Ковачевски ќе има телефонски разговор со претседателот на украинската Влада Денис Шмигаљ. Меѓу другото и ова ќе биде една од темите. По овој контакт Владата ќе направи проценка и ќе имаме повеќе информации во врска со помошта што би ја понудила државата, рече Арсовски.
Тој информира дека Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои Информацијата за безбедносната ситуација во и околу Украина и го задолжи Министерството за надворешни работи во координација со надлежните институции да ги преземе сите потребни мерки за осигурување на безбедноста на членовите од Република Северна Македонија при Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина.
Како што рече Арсовски во моментов нашите набљудувачи се безбедни и ги извршуваат своите редовни обврски.
-Сепак, во случај на дополнително влошување на ситуацијата се наметнува потребата од брз и ефикасен ангажман во насока на осигурување на нивната безбедност, рече Арсовски и додаде дека станува збор за 30-тина луѓе.
Нагласи дека нашата амбасада во Киев има евидентирано бројка од 100-тина македонски граѓани кои ги доставиле своите податоци дека престојуваат во Украина.
-Од нив заклучно со вчера во земјава се вратиле тринаесетмина, прецизира Арсовски.