среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Владата ја почести ќерката на министерот Димитров со 40.000 долари стипендија?!

Владата ја почести ќерката на министерот Димитров со 40.000 долари стипендија?!

На итна седница на штотуку формирана комисија во Минситерството за образование било одлучено Јана Димитрова, ќерка на министерот за надворешни работи Никола Димитров, да добие стипендија од 40.000 долари за додипломски студии во Холандија, открива Магазин.

Порталот дознава дека на 4 август 2017 година, само два дена пред распишувањето на локалните избори, министерка за образование Рената Дескоска, со решение број 14-9573/1 формирала комисија за доделување на стипендии за додипломски студии во странство. Веднаш, истиот ден (петок) комисијата се состанала и итно одлучила по барањето на Јана Димитрова да ѝ биде доделена државна стипендија за студии во Холандија, на Универзитетот во Утрехт.

Министерството за образование и министерот Димитров треба да одговорат дали исплатата на овие 40.000 долари или други средства поврзани со студиите на ќерката на министерот за надворешни работи биле исплатени на или во име на Јана Димитрова додека траела забраната за исплата? За буџетски исплати во овој забранет рок, за потсетување, кривично се одговара.

Магазин“ нагласува дека се работи за скандалозна злоупотреба на службената положба и буџетските средства во интерес на членовите од потесното семејство на министерот Никола Димитров. И тоа се е одлучено во само еден ден. Навистина, ваква ефикасност на државната администрација нема ниту во Холандија, коментира порталот.

Но, во ЕУ има принципи кои се дефинирани како непотизам, судир на интереси, сомневање за изигрување на законите и корупција.

Порталот поставува неколку прашања кои произлегуваат од фактите во овој случај.

  1. Дали во овој случај има судир на интереси и непотизам? Многу студенти бараат стипендии за странство, но не секој може да добие. Студентката во случајов е ќерка на министер, кој министер пак е колега со министерката за образование, која по брза постапка, во само еден ден формира комисија и одобрува стипендија од 40.000 долари.
  2. Колешката на Димитров, Дескоска, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, која тогаш била министер за образование, а денес актуелен министер за правда, најверојатно знаела дека не смее да врши исплати според Изборниот законик, но сепак го направила тоа.
  3. Со комисијата претседавала Маринела Маричиќ Тушева, поранешна пратеничка од СДСМ, и сопруга на првиот советник на Заев за надворешна политика, Бојан Маричиќ, кој има многу блиска соработка со министерот Димитров по однос на состаувањето и склучувањето на Договорот со Грција потпишан во Нивици/Псаридес.
  4. И министерката за образование Дескоска и претседавачот со комисијата Маричиќ Тушева знаеле за кого станува збор, односно според приложените документи увиделе дека Јана Димитрова е ќерка на членот на владата Никола Димитров. Комисијата не работела во полн состав, односно отсуствувал претседателот на комисијата Бардуљ Туши. Дали е злоупотребено неговото отуство и дали претседателот на комисијата свесно отсуствувал за да не биде соучесник во овој случај и дали заради тоа не бил присутен кога се носела одлуката за стипендијата од 40.000 долари на Јана Димитрова?

Јана Димитрова има 18 години и е најстарото од трите деца на Димитров. Во нејзините намери не се суди, но за можните злоупотреби на функцијата ќе мора да одговараат сите кои и обезбедиле „европски” начин на студирање во земјата која ѝ е дом.

Според Анкетниот лист на министерот Никола Димитров, тој во Холандија, во Хаг, поседува стан од 132 квадратни метри. Хаг е оддалечен од Утрехт 69 километри, односно 40 минути возење со воз.

Дали министерот Димитров ја заобиколил транспарентноста и намерно ги сокрил овие 40.000 долари стипендија за неговата ќерка, па ги нема пријавено како дел од приходот на неговото семејство во Антикорупциската комисија, иако од анкетниот лист се гледа дека еден од неговите три стана му е пријавен токму како имот во сопственост на неговите деца?

На крајот наместо заклучок, порталот прави паралела со принципите во ЕУ.

Замислете што ќе се случи доколку детето на холандскиот министер за надворешни работи Блок, по ургенција кај колешката министерка за образование, во рок од еден ден добие стипендија од 40.000 долари за студии во странство, на факултет во чиј радиус од 70 километри нејзиниот татко има комотен стан? Во истиот момент кога јавноста ќе го дознаеше тоа, министерот за надворешни и министерката за образование под притисок на демократската јавност во Холандија ќе поднесеа оставки од владата.

Најнови вести