Кој ќе го добие владиниот бизнис од над половина милион евра за мобилна и фиксна телефонија? Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија, во екот на новогодишните и божикните празници, објави тендер за набавка на нова услуга со проценета вредност од 133 милиони денари без пресметан ДДВ во цената.
Договорот кој службата на владата ќе треба да го склучи со некоја од телекомуникациските оператори ќе биде на две години.
На Бирото за јавни набавки стои дека тендерот е поделен на два дела.
Дел број 1 – мобилна телефонија, вредноста без ДДВ изнесува 20 милиони денари за две години.
Дел број 2 – фиксна телефонија и одржување, вредноста без ДДВ изнесува 13 милиони денари за две години.
Еден од критериумите за доделување на договорот е најниска цена, а според тендерската документација ќе се користи електронска аукција.
Според спецификацијата на објавениот тендер во делот за мобилна телефонија е наведено дека ќе има пет подели на претплата на корисничките броеви или 0, 300, 800, 1500 или 3000 денари без вклучен ДДВ.
Поголемиот месечен надомест овозможува повеќе бенефиции. За најскапата претплата на која најверојатно ќе бидат највисоките функционери, има и највисока субвенција од 45.000 денари за избор на луксузен мобилен апарат.
– За секоја линија треба да следуваат 20GB бесплатен интернет со вклучена 4G брзина. Во рамките на тарифниот модел се вклучени 300 минути бесплатни разговори кон меѓународни мрежи и 300 минути бесплатни разговори во роаминг, стои во објавениот тендер на Бирото за јавни набавки во делот кој се однесува за мобилната телефонија.
Додека пак во делот на фиксната телефонија, еден од условите пропишани од службата за општи и заеднички работи е прегллед на реализирани телефонски повици, услуга која обезбедува преглед на сите разговори кои се направени од телефонскиот број на еден месец со увид во траењето и чинењето на секој разговор поединечно.
Понудите за бизнисот тежок над половина милион евра ќе се отвараат на 18 февруари.
Инаку, минатата година Службата за општи и заеднички работи при Владата, потпиша два договори со македонски Телеком за мобилна и фиксна телефонија во вредност од над 400 илјади евра.
Македонската Влада има удел во македонски Телеком од 34,81%.