„Енергетиката е еден од многуте сегменти во кој врхушката на СДСМ покажува тотално неработење, незнаење и безидејност.
Го продолжија „ортаклакот“ со ЕВН и им дадоа лиценца да изградат нова фотоволтаична централа и да го засилат монополот на македонскиот пазар. Ги уништуваат систематски државните капацитетите на ЕЛЕМ, а им даваат на ЕВН и на останати големопоседници да градат нови производни енергетски капацитети. Сето ова кое e спакувано во обланда од инвестиции и зелена енергија, помпезно и без трошка срам се претставува по провладините медиуми како огромен успех на владата.
Владата на Заев и СДС директно и без срам најавуваше затворање на РЕК Битола. Во последната година можеме да видиме дека ова е единственото нивно ветување кое сигурно ќе го остварат.
Во текот на 2020 година РЕК Битола континуирано работи со два блока поради недостатокот на јаглен и лошото менаџирање со нашиот најголем енергетски капацитет.
Како последица на тоа, оваа година сигурно ќе имаме и рекордно најмало производство од термоелектраните. Со ваквото работење нашиот ЕЕС речиси постојано се наоѓа во недостаток од базна енергија, која потоа вештачки се надополнува со енергија од хидроелектраните. Со овој начин на работење се испразнија сите акумулации и се направи голема штета на животинскиот и растителниот свет. Поради тоа мора да се увезува енергија.
Се поставуваат неколку прашања:
Како е можно домашната ТЕЦ Неготино која со мала инвестиција може да се пренамени во Гасна електрана да се продава на странци, а ние да инвестираме во проекти на други држави?
Како е можно затворањето на РЕК Битола и оставање на улица на 5000 семејства да биде воопшто успех за некого?
До каде е изградбата на проектот топлификација на Битола, Новаци, Логоварди и Могила?
Проектот сега наместо да е во завршна фаза, вратен е во состојба пред 2017 година. Во 2016 година за изградбата на Топлификација на Битола, Могила и Новаци беа добиени 36 одобренија за градба од кои 35 одобренија за градење за објект „Приклучоци на дистрибутивна мрежа Битола (терцијална мрежа)” издадени од Општина Битола и едно одобрение за градење за објект „Магистрален топловод од РЕК ‘Битола’ до Битола“ издадено од Министерство за транспорт и врски. На сите решенија за градба им помина важноста во текот на 2018 година од причина што Инвеститорот не почна со изградба во рок од две години од правосилноста на одобренијата за градба.
Големите енергетски компании се пред колапс поради лошото менаџирање на ЕЛЕМ и МЕПСО со насадени кадровски послушници. Тоа се случува кога се нема визија и желба за работа, а се слушаат одредени поединци кои битно влијаат кога се носи законска регулатива и кои единствено водат сметка како да си ги полнат своите џебови, додека други поединци без капацитет свесно се поставуваат на раководни функции да бидат извршители.
Најстрашно од сé е штетниот договор на ЕЛЕМ со ЕВН Хоум (универзален снабдувач) со кој некој свесно го тера ЕЛЕМ во пропаст затоа што произведува поскапо, а продава на странска компанија поевтин производ. Згора на тоа ја потрошија водата од езерата продавајќи наводно некакви вишоци струја па сега господ да е напомош и да се молиме да заврне зашто не само што ќе нема струја туку и вода за пиење и наводнување ќе нема.
Јаглен на депонија во РЕК Битола нема (можеби и тука спремаат увоз на јаглен во блиска иднина) и термоцентралите работат на минимум. Состојбата на РЕК Осломеј е исто така очајна. Скоро 1000 вработени стрептат за своите работни места бидејќи ништо не работат, а знаат дека за 10 МW фотоволтаици кој требаше уште јануари 2020 година да бидат готови, немора да има ниту еден вработен. И тие 10 MW не ги направија, па згора на тоа сега ветуваат уште 100 МW фотоволтаици.
Слично ќе биде и со термоцентралите во Битола особено по усвоената енергетска стратегија на оваа Влада која предвидува постепено затворање на термоцентралите во Македонија почнувајќи од 2025 година. Нормално ќе има недостаток од струја кој неможе со замислените ветерници и фотоволтаици (кои како бројка оваа влада ги изнесува од ракав) да се надополни, колку и да бидат тие на број. На тој начин стануваме енергетски увозно зависна земја без сопствени енергетски ресурси. Секако, на одредени моќници ќе им капе повластена тарифа од зелената енергија на нивните електрични централи од кои народот нема да види никаков бенефит, а системот ќе биде доведен до амбис.
Што се случува со АД ЕЛЕМ?
Набавка на помошна механизација за ископ се уште нема. За периодот 2017- 2020 година вкупно потрошени средства за ископ на јаглен и јаловина за период изнесува 4,038,923,000.00 денари или 65,673,545 ЕВРА.
На оваа сума ќе треба да се додадат и вредностите за ангажирање на услуга од помошна механизација во Рудници РЕК Битола за кои има повеќе договори а колку истите ќе потрошат ќе видиме на крајот на 2020 година.
Погубните политики во енергетиката ќе се компензираат со увоз на електрична енергија, што значи одлив на девизи од државата и полнење на џебовите на трговците со електрична енергија, познат како „бонбона бизнис”.
Сите капитални инвестиции во Енергетиката кои што беа ветувани во предизборието од СДС се доцнат повеќе од 3 години и не се ни започнати, (Ревитализација и модернизација на сите три блока во РЕК Битола, со редукција на прашина и десулфуризација; Ревитализација и модернизација на Блок 1 во РЕК Битола за намалување на емисии на азотни оксиди и отворање на можност за употреба на различни типови на гориво; Набавка на помошна механизација за рудниците во РЕК Битола и опрема за дисконтинуиран систем за експлоатација; Ревитализација на постојните големи хидроелектрани), а проектите кои беа започнати во времето кога Владата беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата незнаат ни да ги продолжат.
За гасификацијата се ветуваше премногу, но истата служи само кога ќе притреба за политички маркетинг, без да има конкретна реализација и без конкретен бенефит за граѓаните, стопанството и индустријата. Несериозноста во поглед на гасификацијата се согледува уште во самата Програма за работа за Владата каде проектите не се конкретизирани, без рокови и без буџет.
За диструбиција на природен гас во општините со што требаше да се обезбеди достапност за домаќинствата, стопанството и индустријата, оваа Влада не направи ништо друго, освен што го закочи процесот и ги остави граѓаните да ја плаќаат поскапената електрична енергија, наместо евтиниот и еколошки природен гас. Ниту во претходните три години власт ниту во овие 100 дена не успеа да изгради барем еден метар дистрибутивна мрежа за природен гас во општините во Македонија.
Тотално промашена политика во делот на намалувањето на загадувањето на воздухот со користење на ивертер клима уреди кои се донираа од државната компанија за производство на електрична енергија ЕЛЕМ, сегашно ЕСМ, за кои беа потрошени 10 милиони евра, а за чија работа се користи електричната енергија која претежно се добива од најголемиот производител – термоелектраната РЕК Битола која дополнително ќе ја загадува околината на Битола.
Рударството има потенцијал за развој, но со доаѓање на власт на СДСМ, во оваа област буквално ништо не е сторено, освен што се доделија и одземаа неколку концесии.
Не се презема ништо за заштитата на животната средина, напротив се случи еколошка катастрофа т.е. се урна хидројаловиштето во рудникот Саса, со што се направи огромна штета т.е. се уништија подземните води во водоносните средини на Каменичка река!
Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ“
Фејсбук статус на Комисии на ВМРО-ДПМНЕ