Денес на 62-годишнината од смртта на првиот претседател на Република Македонија, Методија Андонов-Ченто, со посебна чест сме тука да се поклониме пред неговиот споменик, ова денеска во изјава за медиумите го истакна Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп.
-Навистина сум посебно горд, бидејќи како член на ВМРО-ДПМНЕ, стоиме на патот кој го трасирал Методија Андонов-Ченто, работиме на остварување на идеалот за кој тој живеел и се борел, самостојна, суверена, независна и силна Република Македонија. Но, морам да го изразам моето огромно незадоволство од лицемерието на политичарите од власта. Тука се, со една рака положуваат цвеќе на споменикот на Ченто, а со друга рака потпишуваат распродавање на македонските национални интереси. Го сменија уставното име на Република Македонија, воведоа двојазичност на целата територија во државата и тука во Прилеп, ја распродаваат најевтино македонската историја, се спротивно на она за кое Ченто се борел, вели Ристески.
Тој додава дека не само што распродаваат се’ што е македонско, туку во своите намери газат преку најголемите великани како Ченто и неговото семејство и фамилија. Како што Ченто настрадал од нивните предци, сега му ја кројат судбината и на неговиот правнук Јане Ченто, кој борејќи се за истиот идеал на својот прадедо, сега отслужува затворска казна одредена од оваа предавничка власт.
-На крај да запрашам, зошто се одбележува 62-годишнината од смртта на Методија Андонов-Ченто, без присуство на членови од неговата потесна или поширока фамилија? Оваа предавничка власт мора да падне и ќе падне. Но последиците ги чувствуваме сите. Македонскиот народ е свесен што се случува и верувајте на првите избори ќе ги смести овие предавници онаму каде што им е местото, на буништето на македонската историја заедно со најголемите предавници во историјата на Република Македонија, рече Ристески.